• понеделник, 25 ноември 2024

Нуредини: Зајакната соработка за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство

Нуредини: Зајакната соработка за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство
Скопје, 27 април 2022 (МИА) - Согласно обврските од последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена во Фужу, Кина во јули 2021 и договорените чекори и обврски од заедничката Декларација на Националните комисии за УНЕСКО на Северна Македонија и Албанија од јули 2021, денеска во Поградец се одржа заеднички работен состанок на политичко ниво помеѓу двете држави. Како што информираат од МЖСПП, на средбата присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, албанската министерка за туризам и животна средина Мирела Кумбаро Фурџи, градоначалниците на општините Поградец, Корча, Охрид и Струга, како и експерти кои директно работат во процесот на заштита на Природното и културното наследство на Охридскиот регион - УНЕСКО Светско наследство. - Од состанокот очекуваме воспоставување на редовна работа на меѓудржавниот комитет за управување, согласно договорот од 2005 година, формирање на постојан секретаријат составен од релевантните експерти од двете страни, како и посветеност и спремност од двете држави за изработка на заеднички Стратегиски план за рехабилитација кој мора да се поднесе до Центарот за светско наследство најдоцна до 1 февруари 2023 г. Исто така, треба да се пристапи кон изработка на заеднички извештаи за напредок на двете држави, како и заедничко политичко/дипломатско делување при организациите на Обединети Нации и Европската Унија, истакна министерот Нуредини во воведното обраќање, додавајќи дека природата нема граници и од суштинско значење е воспоставување соработка на сите нивоа - централно, локално, експертско за надминување на предизвиците и изнаоѓање решенија за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство. На средбата, како што посочуваат од Министерството, бил потврден ставот дека Албанија и Северна Македонија се целосно свесни за исклучителното наследство што го споделуваат двете држави меѓу себе, но и со светот, и решително се посветени да го направат единственото прекугранично наследство на Западен Балкан модел на добра практика и да покажат со конкретни акции како грижата за заедничкото природно и културно наследство може да придонесе за негување добрососедски односи, разбирање и блиска соработка во градењето на подобар регион, подобар свет за сите. фф/сп/

Остани поврзан