• среда, 06 ноември 2024

НУК воведува златен сертификат за угостителските објекти кои ги применуваат протоколите за работа

НУК воведува златен сертификат за угостителските објекти кои ги применуваат протоколите за работа
Скопје, 12 мај 2021 (МИА)- Сертификат „Чисто и безбедно“ за угостителите кои ќе ги применуваат протоколите за работа ќе издава Независната угостителска комора. Добивањето на таканаречениот „златен сертификат“ со којшто се гарантира Ковид безбедна зона е верификација на сите протоколи направени од страна на Комисијата за заразни болести. - За добивање на сертификатот од поканети 40 фирми, 11 се регистрирале во Комората, информираше денеска претседателот на НУК, Здравко Јосифовски на презентацијата на првиот уред увезен во државава- „Blueair Health Protect“, кој освен што го прочистува воздухот, целосно ќе го отстранува коронавирусот во затворени простории. Според Јосифовски, на сите затворени објекти кои ќе имаат ваков уред за прочистување на воздухот од Ковид и кои ќе го поседуваат златниот сертификат, треба да им биде дозволено да работат. Смета дека со ваквиот уред, државата ќе стане туристичка дестинација со најдобри и најбезбедни услови за престој. -Со ова Македонија ќе ја направиме лидер не само на регионално ниво, туку и на глобално ниво како туристика дестинација која ќе може да понуди услови кои ниту една друга држава во моментов или во угостителски објект ги нема, истакна Јосифовски. Очекува дека во најскоро време ќе биде укинат полицискиот час и ќе се донесе препорака за работа на угостителските објекти и во внатрешноста на објектите. -Очекуваме со првата следна седница, со укинувањето на полицискиот час, да се укинат сите ограничувања на работното време. Исто така, очекуваме укинување и на одлуката со која се забранува работа во внатрешните објекти, затоа што не смееме повторно да имаме селективни односи и со тоа да оневозможиме работа на останатите наши колеги. Очекуваме Комисијата за заразни болести да овозможи и настап на музичарите согласно важечките протоколи, одржувањето на прослави и веселби да важи за сите угостителски објекти, како и да се укине мерката да седат само четворица гости на маса, рече Јосифовски. Истражувањето спроведено од независната американска истражувачка организација „MRIGlobal“ потврдило дека овој уред целосно го отстранува вирусот во воздухот. -Со тоа прочистувачот за воздух „Blueair Health Protect“ и официјално е првиот во свет кој потврдено и докажано го уништува Ковид вирусот од воздухот во затворените простории. Мотивирани од потребата да го вратиме чувството на нормално секојдневно функционирање, тука сме да обезбедиме целосна поддршка на угостителскиот сектор и да придонесеме нивните посетители односно секој од нас да се чувствува побезбедно. Нашата заедничка цел останува чист воздух за секого, користејќи најсовремени технологии и искуства со најмал можен импакт врз животмата средина, истакна Дејана Ѓорѓиева. Новиот уред кој го прочистува воздухот од коронавирусот е увезен во државава од страна на „Екотип“. свс/бак/

Остани поврзан