Норис ја освои Големата награда на Монако
- Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ја освои осмата трка сезонава во Формула 1 шампионатот одржана попладнево во Монако.
Монте Карло, 25 мај 2025 (МИА) - Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ја освои осмата трка сезонава во Формула 1 шампионатот одржана попладнево во Монако.
Возачот на Ферари, Шарл Леклер, заврши втор, со заостанување од 3,131 секунди.
На третото место е клупскиот колега на Норис и лидер во индивидуалниот поредок, Оскар Пјастри (+3,658 секунди заостанување).
До последниот круг, лидер на трката беше актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен (Ред Бул). Холанѓанецот беше принуден да направи второ задолжително запирање во боксот пред последниот круг и падна на четвртото место.
Оскар Пјастри продолжува да го предводи пласманот кај возачите со 161 поен. Ландо Норис е втор со 158 поени. Третото место му припаѓа на Макс Верстапен со 136 бода.
Мекларен е лидер во шампионатот на конструктори со 319 бода. Мерцедес (147 поени) се на второто место, Ред Бул (143) се на третото место. Ферари (142) е на четвртото место.
Следната етапа од Формула 1 ќе се одржи во Шпанија од 30 мај до 1 јуни. зс/
Фото: ЕПА