• петок, 22 ноември 2024

Норвешка ќе продолжи да ја финансира агенцијата на ОН за палестинските бегалци - УНРВА

Норвешка ќе продолжи да ја финансира агенцијата на ОН за палестинските бегалци - УНРВА

Осло, 28 јануари 2024 (МИА) - Норвешка, еден од најголемите донатори на агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), ќе продолжи да ја финансира работата на организацијата и покрај сомневањата дека некои нејзини вработени биле вмешани во нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври, соопшти денеска норвешката дипломатија.

„Норвешка одлучи да продолжи со финансирањето на УНРВА“, рече министерот за надворешни работи Еспен Барт Еиде.

„Иако ја споделувам загриженоста за многу сериозните обвинувања против некои вработени во УНРВА, ги повикувам другите донатори да размислат за пошироките последици од кратењата на финансирањето, во овој момент на криза и екстремна хуманитарна неволја. Не треба колективно да казнуваме милиони луѓе“, додаде Барт.

Тој смета дека треба да се прави разлика помеѓу тоа што можеби направиле поединци и она што го претставува УНРВА.

„На народот во Газа итно им е потребна хуманитарна помош и не смее да ја плати цената за постапките на другите“, додаде норвешкиот министер.

Израел во петокот обвини неколку вработени во УНРВА за учество во нападот на палестинското движење Хамас во Израел на 7 октомври.

САД веднаш реагираа со најава дека ќе престанат да ја финансираат агенцијата на ОН, а истото го следеа и бројни други земји, вклучувајќи ги Германија, Австралија, Италија, Финска и Велика Британија. паг/

Фото: МИА архива


  

 

Остани поврзан