• недела, 24 ноември 2024

Норвешка без Одегард против Словенија и Казахстан

Норвешка без Одегард против Словенија и Казахстан


Осло, 12 ноември 2024 (МИА) – Иако настапи на последните два натпревари на Арсенал, капитенот на норвешката фудбалска репрезентација Мартин Одегард (25) ќе ги пропушти дуелите против Словенија и Казахстан во Лигата на нации закажани за в четврток и недела.
Одегард, кој паузираше два месеци поради повреда на скочниот зглоб, се врати како замена во минатонеделниот пораз од Интер во Лигата на шампиони (0-1), додека го одигра целото саботно реми (1-1) против Челзи во Премиер лигата.
„Станува збор за комплицирана повреда на скочниот зглоб. Бидејќи Мартин тренира многу малку во последните неколку недели, природно е дека неговото тело не е целосно подготвено во моментов. По разговорот со него се договоривме дека за него е најдобро да се врати во Лондон и да ја продолжи рехабилитацијата“, изјави денеска лекарот на норвешката репрезентација Ола Санд.
Норвешка пред последните две кола во групата Б3 има седум бодови, колку што имаат и Австрија и Словенија, додека Казахстан е последен со еден бод. ег

ФОТО: Икс

 

Остани поврзан