• вторник, 17 декември 2024

Нов проект на ЕУ и ФАО за консолидација: Фармите треба да бидат конкурентни и отпорни на идни шокови

Нов проект на ЕУ и ФАО за консолидација: Фармите треба да бидат конкурентни и отпорни на идни шокови
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Повеќекратната криза предизвикана од климатските промени, КОВИД-пандемијата и војната во Украина, уште еднаш го потенцира значењето на малите фармери, но ги извади на површина и нивните слабости - ограничената продуктивност и ниските приходи поради неефикасната структура на земјиштето, прекумерната фрагментација и застарената земјоделска инфраструктура. Производството на храна е повторно во фокусот. Како што беше речено на денешниот настан по повод новиот проект на ЕУ и ФАО за окрупнување на земјиштето, малите семејни фарми се столбот на македонското земјоделство и тие мора да бидат конкурентни и отпорни на идни шокови. -Добрата структура на земјиштето овозможува поголема ефикасност и профитабилност на производството, како и можност земјоделците да инвестираат во модернизација и поголема продукција. Тоа влијае и на подобрување на животниот стандард и можноста за развој на руралните средини, што може да ги привлече и младите во овој сектор, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Владата, нагласи Николовски, ја препозна потребата од консолидација на земјиштето за да се реши прекумерната расцепканост и малата површина на земјоделските стопанства, како главен структурен проблем за напредокот на македонското земјоделство. -Денес зборуваме за подготвени планови за консолидација на земјоделско земјиште во девет подрачја: Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле,Соколарци и Спанчево. Притоа, во Егри е целосно изградена и земјоделска инфраструктура, а тој процес ќе продолжи и во останатите подрачја, истакна Николовски, осврнувајќи се на резултатите од проектот „Воведување национална програма за консолидација на земјиште“ (МАИНЛАНД) кој се спроведуваше 68 месеци, од март 2017 до ноември 2022 година. Главната цел на проектот вреден 2,86 милиони евра, беше да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште за да се зголеми конкурентноста на производството, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. Во рамки на МАИНЛАНД се опфатија 4 700 хектари земјоделско земјиште, а директни корисници беа околу 6.267 сопственици на земјиште, нивните семејства и заедници. Освен окрупнување, проектот придонесе и да се подобри формата на парцелите што, пак, овозможи примена на современи земјоделски практики, воведување модерна механизација и технологии. -За унапредување на консолидацијата на земјиштето, ЕУ одобри нов проект „Унапредување наконсолидација на земјиште во Северна Македонија“, кој е ко-финансиран од ФАО. Новиот проект е со вкупен буџет од 1,2 милиона евра и има за цел да ја продолжи успешната приказна на МАИНЛАНД. Ќе се фокусира наподобрување на националната политика, институционалната и регулаторната рамка за консолидација, вклучувајќи и развој на нова национална стратегија за консолидација за периодот 2022 - 2030 година со акциски план и целосно спроведување на проекти во две консолидациски подрачја: Дабјани (Општина Долнени) и Чифлик (Општина Чешиново-Облешево), комбинирани со изградба на земјоделска инфраструктура, информира министерот. Според Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и шеф на Канцеларијата на ФАО во Северна Македонија, МАИНЛАНД ја позиционираше Северна Македонија како лидер во регионот за спроведување вакви сложени структурни земјишни реформи. -Заедно го подобривме националното законодавство за консолидација врз основа на најдобрите меѓународни практики и ги зајакнавме техничките и административните капацитети на Министерството за земјоделство, клучните агенции и приватните геодетски компании за успешно и одржливо управување и спроведување на Националната програма за консолидација на земјиштето, подвлече Ганги. Евrоамбасадорот Дејвид Гир се осврна на значењето на земјишните ресурси. -Грижата за земјиштето е наш приоритет. Неговото користење ќе игра клучна улога во европските амбициозни зелени планови. Одржливите земјишни системи се јадрото на Зелениот договор што значи произведување и задоволување на потребите со минимални трошоци. Целта е и 55 отсто намалување на стакленичките гасови до 2030 година, како и целосно до 2050 година, подвлече Гир. Новиот проект, финансиран од ЕУ, ќе се реализира 42 месеца, од август 2022 година до јануари 2026 година. мч/са/

Остани поврзан