• петок, 22 ноември 2024

Нов дрворед од 58 дрва засаден на булеварот „Гоце Делчев“

Нов дрворед од 58 дрва засаден на булеварот „Гоце Делчев“
Скопје, 27 мај 2021 (МИА) - Општина Центар се здоби со нов дрворед од 58 дрва засадени на булеварот „Гоце Делчев“, информираше денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на конференцијата по повод засадувањето. - Со денешното засадување на 58 високо развиени, квалитетни дрва создаваме еден нов дрворед тука, на булеварот „Гоце Делчев“, каде што изминатиов период го обновивме нискостеблестото зеленило и зеленилото кое што е не само на централната булеварска жардињера туку и странично, во површина од преку 9100 метри квадратни со што и официјално ја започнуваме, со прес-конференција, сезоната на пролетно садење во нашиот град, кажа Шилегов.         Дополни дека верува дека Скопје, чекор по чекор, полека но сигурно, станува една зелена метропола со едно многу поинакво и поквалитетно зеленило од она што сме го имале како навика да го гледаме во нашето опкружување, сè со цел, како што рече, да ја подобриме и животната средина, меѓутоа, да го подобриме и амбиентот на луѓето кои што се движат низ градските булевари. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на настанот се заблагодари што Градот Скопје продолжува со акциите за зазеленување на градот и истакна дека е пред сè среќен што денеска се наоѓаат токму на територија на општина Центар. - Посебно во делот каде што ни се наоѓа и Македонската телевизија и населбата Крњево, која што многу години наназад била запустена, така што, со ова зазеленување и самите граѓани добиваат нов изглед на нивната населба, истакна Богдановиќ. Дополни дека со овие активности, заедно со градот, даваат ново светло на овој дел од општина Центар и потсети дека во измената на деталните урбанистички планови ослободиле површини за преку 13 илјади квадрати зеленило.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со реакцијата на граѓанската организација „Зелен град“ дека не им биле прифатени барањата од страна на Советот на Град Скопје, градоначалникот Шилегов изјави дека одлуките на Советот не може да ги коментира тој, бидејжи може да ги коментира само одлуките кои тој ги носи како градоначалник. 

-Со дел од тие организации кои што не се обратија до Советот, се обратија преку советник од Левица, ние како Град работиме и соработуваме и ги исполнуваме стандардите кои што јас лично мислам дека се неопходни и потребни за понормално живеење на скопјани, рече Шилегов. 

Дополни дека сите инфраструктури кои што ги работат и реконструираат како Град Скопје во изминатото, работат на тоа пристапноста во јавниот простор, во смисла преминување на улица да биде достапна за секој граѓанин и лицата кои што се со инвалидски колички да можат безбедно да поминат.  

-За мене е многу важно што како стандард на воведување секогаш кога реконструираме или изведуваме нова инфраструктура внимаваме токму на тие моменти и немаме забелешки за онаа инфраструктура која што ја создадовме како нова и во онаа инфраструктура која што ја реконструиравме дека не постојат такви места. Динамична материја е градот, заклучи Шилегов и дополни дека во рамките на тоа што тие го имаат како ингеренција како Град Скопје, тие барања ги исполнуваат. ар/скс/  

Остани поврзан