• вторник, 05 ноември 2024

Нови 56 случаи на голема кашлица изминатата недела

Нови 56 случаи на голема кашлица изминатата недела

Скопје, 1 март 2024 (МИА) – Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од 23 до 29 минатиот месец регистрира 56 нови случаи на голема кашлица,  од кои 54 се во Скопје, а по еден во Струмица и во Дебар. 

Заболените се на возраст од 0 до 70 години, а најголем број се од возрасните групи деца од 10- до 14 години. 

Од новите 56 случаи,  хиспитализрани се три, две деца на возраст под една година и едно од возрасната група од 1 до 4 години. 

Заклучно со 29 февруари годинава во државава  регистрирани се вкупно 123 случаи на голема кашлица,  со инциденца од 6,7/100 000 жители.  По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 109 (88,6%) во девет различни општини, пет лица се од Тетово, четири лица живеат во Куманово, во Гостивар два и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица и Дебар. 

- Првиот пријавен случај е на 05.01.2024, а само во последните 7 дена се пријавени 56 случаи, два пати повеќе во однос на претходниот неделен период за пријавување. Од вкупниот број на регистрирани 123 случаи, 77 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од заболените, регистрирани се 27 лица со хоспитализација и тоа 22 од нив на возраст до четири години, информира ИЈЗ. 

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација. 

Од 18 јануари до вчера, согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) е утврдено дека се пронајдени 13 184 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив, вакцинирани се 5 056 (38,3 проценти). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (2 492; 49,3 проценти).  

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7 690 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4 729; 61,5 проценти)  од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација.  Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 29 февруари изнесува 12 746. свс/лв/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан