• среда, 27 ноември 2024

Нови содржини на списанието „Раст“ – изданија на „Битолски книжевен круг“

Нови содржини на списанието „Раст“ – изданија на „Битолски книжевен круг“
Битола, 29 јуни 2022 (МИА) - Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ информира за нови два броја од Списанието за книжевност, уметност и култура „РАСТ“, изданија поддржани од  Министерството за култура. Списанието го уредува редакција во која членуваат професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Милица Димитријовска Радевска. -Списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“ постои 21 година на македонската книжевна сцена и секогаш нуди содржини со високи естетски вредности. Во последно време станува актуелно и популарно и на светската сцена поради застапеноста на сè поголем број значајни автори од светот во превод и препев на македонски јазик, истакна професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен уредник на списанието. Во двата броја на „Раст“ застапени се стандардните рубрики, поезија, проза, драма и согледби за кои пишуваат 41 македонски автор и 60 странски автори преведени на македонски јазик од вкупно 40 држави во светот, меѓу кои Шведска, Италија, Германија, Украина, Полска, Саудиска Арабија, државите од Балканот, но и од Колумбија, Аргентина, Доминиканска Република, Никарагва, Мексико, Бангладеш, Западен Бенгал, Индија, Чиле... -Како и минатата година, така и сега, корицата на списанието е дизајнирана со слика од познатата сликарка Симонида Филипова Китановска. Списанијата во електронска форма се достапни на вебстраницата на Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“ – Битола, а ќе бидат промовирани на 2 јули во Офицерски дом - Битола во рамки на единаесеттата меѓународна книжевна манифестација „Битолски книжевни паметења“ во организација на „Битолски книжевен круг“, потврди Андоновска Трајковска. мт/аа/

Остани поврзан