• сабота, 23 ноември 2024

Нови мерки против лажни вести на Ватс-ап

Нови мерки против лажни вести на Ватс-ап
Лос Анџелес, 8 април 2020 (МИА) - Фејсбук објави нови мерки за борба против дезинформациите на Ватс-ап, додека на овие мрежи се шират лажни вести за „Ковид-19“, дека наводно го предизвикува 5Г-мрежата и дека се лекува со оцет. Корисниците отсега ќе можат да ја проследат пораката само до еден пријател, за да се ограничи протокот на веста. „Знаеме дека корисниците пренесуваат и корисни податоци, смешни видеоснимки, размисли и молитви коишто им се важни... Сепак, забележавме и значаен пораст и на споделувањето лажни вести", соопштуваат од компанијата. Ватс-ап често го критикуваат како алатка за поттикнување лажни вести, кои понекогаш водат и до трагичен исход. Во Индија, на пр. 2018 година лажна информација за киднапирање деца предизвика побуна и линч. Потоа следеше ограничување на споделувањето - со најмногу пет корисници одеднаш. Тоа доведе до 25-отстотно намалување на проследените пораки во цел свет. Но, приватноста во комуникацијата технички го отежнува разоткривањето на ширењето теории на заговор околу коронавирусот, 5Г-мрежата и слично. Во цел свет се шират лажни „алтернативни“ начини за лекување на коронавирусот, а во Велика Британија беа уништени неколку 5Г-антени и приемници. „Тие идеи не само што се неосновани, туку и им штетат на луѓето и компаниите што зависат од нашите услуги", реагираа викендов четири британски телеком-оператори во отворено писмо. Светската здравствена организација и најмалку 20 министерства за здравство го користат Ватс-ап за информации за пандемијата. си/

Остани поврзан