• понеделник, 23 декември 2024

Нови македонски филмови, интернационален форум и програма за маргинализирани лица дел од 4. издание на „Златна рамка“

Нови македонски филмови, интернационален форум и програма за маргинализирани лица дел од 4. издание на „Златна рамка“
Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Проекција на нови македонски филмови, одржување на интернационален форум, но и програма за маргинализирани лица ќе содржи годинешното четврто издание на „Златна рамка“ - филмска ревија на македонска продукција, што ќе се одржи од 9 до 12 јуни во кино „Фросина“ во МКЦ. Оваа филмска ревија е во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) и претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне сите македонски филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а биле поддржани од Агенцијата за филм. Љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ режиран од Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ на Димитар Банов, „Касапот“ режиран од Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ. Според претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов-Изи, четвртото издание на „Златна рамка“ акцентот го става на успехот на домашната кинематографија во текот на изминатата година. -Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа филмска ревија има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година, како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. ДФРМ на своето редовно годишно собрание што ќе го означи почетокот на „Златна рамка 2022“, ќе се осврне и на стандрардизирање на буџетот за филм според европските модели и негово перманентно зголемување, донесувањето нов Закон за филмска дејност, како и на регулирање на статусот на филмските работници, истакна Иванов на денешната средба со новинари. Уметничкиот координатор на „Златна рамка“, Ана Василевска на средбата ја потенцираше важноста на манифестацијата за публиката која е желна за дела од домашната филмска продукција. -На сите креaтивни остварувања, а посебно на филмот кој претставува најкомплексна уметност потребна му е поддршката од својата публика. „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број на домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја програма, нагласи Василевска. Генералниот секретар на ДФРМ, Томи Салковски напомена дека значајна новина на „Златна рамка“ е отпочнување на социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. -Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, годинашната манифестација ќе биде одбележана и со организација на проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Ова подразбира дека на 12. јуни, граѓаните во Казнено поправните домови, Домовите за стари лица, Болниците, шелтерите за згрижување, Центрите за зависност и низата други институции од ваков вид, ќе имаат можност да присуствуваат на филмска проекција, која професионално ќе биде организирана и реализирана во просториите на самите институции, посочи на денешната средба Салковски. Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржана и интернационалната конференција насловена „Модели на финансирање и легислатива-регионална соработка, можности и унапредување“ на која ќе учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На конференцијата ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, но и моделите на копродукција. бт/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан