• понеделник, 23 декември 2024

Нови канти за отпадоци за домаќинствата во општина Кисела Вода

Нови канти за отпадоци за домаќинствата во општина Кисела Вода

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Општина Кисела Вода направи нов значителен чекор кон подобрување на хигиената и животната средина со обезбедување на нови 1212 канти за отпадоци и 59 контејнери, велат од Општината.

Оттаму додаваат дека оваа донација од Министерството за животна средина е дел од заедничките напори за унапредување на условите за живот на жителите на овој дел од градот.

Сите домаќинства кои поседуваат стара оштетена канта ќе добијат нова, училиштата и градинките ќе добијат нови контејнери, а старите дотраени канти ќе бидат предадени на фирма специјализирана за рециклирање на отпад. 

-Подобрувањето на хигиената е од суштинско значење за животната средина и за здравјето на граѓаните. Со замената на старите и оштетени канти, воспоставуваме поефикасен и поеколошки начин за справување со отпадот. Сите домаќинства кои имаат оштетени канти ќе можат да ги заменат со нови, преку пријавување во канцелариите на месните заедници низ општината. Старите канти, откако ќе бидат собрани, ќе бидат предадени на специјализирана фирма за рециклирање, со што дополнително ќе придонесеме за заштита на животната средина, изјавил градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Тој изразил благодарност до Министерството за животна средина за оваа, како што рекол, значајна донација, но и апелирал до сите граѓани да го одлагаат отпадот соодветно и да ги користат новите канти и контејнери наменски. Со тоа, според него, не само што ќе се придонесе за чиста животна средина, туку и ќе се подобри квалитетот на живот за сите. сст/са/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан