• петок, 22 ноември 2024

Нови водомери за 350 семејства во социјален ризик од Кочани

Нови водомери за 350 семејства во социјален ризик од Кочани

Кочани, 13 октомври 2023 (МИА) – Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани денеска почна проект со кој ќе замени постојни или ќе инсталира нови водомери на 350 семејства во социјален ризик, кои бесправно се приклучиле на водоводната мрежа.

Наместо редовниот надоместок за инсталирањето во висина од 8.500 денари, корисниците имаат обврска да платат само 50 денари, за што претходно беше добиена и согласност од Советот на Општина Кочани.

-Во рамки на проектот „Намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем и искористување на соларната енергија во Јавното комунално претпријатие во општина Кочани, ги повикуваме сите заинтересирани граѓани, кои потекнуваат од семејства во социјален ризик, да се пријават во Центарот за корисници на „Водовод“ заради промена или инсталирање водомер во нивното место на живеење. Доколку, не постои водомер, односно, е неисправен, закочен, стопен и слично, кај овие корисници ќе бидат инсталирани нови водомери што се набавени во рамки на проектот. Сопствениците на објектите се должни да ги обезбедат сите технички услови за непречено инсталирање, истакнуваат од
КЈП „Водовод“.

Замената или инсталирањето на уредите за мерење на потрошувачката на вода е, со цел да се спречат загубите и неевидентираната потрошувачка од водоснабдителниот систем.

Во рамки на проектот ќе се постават две фотоволтаични централи со моќност од 120 и 440 киловати на кровот на станицата за пречистување на отпадните води кај селото Мојанци. Предвидена е и обука за персоналот што ќе ракува со опремата за производство на струја, а крајната цел на инвестицијата е да се намалат износите на сметките за вода за граѓаните на Кочани. та/љм/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан