• понеделник, 23 декември 2024

Новите мерки за влез и излез од земјава пред Владата, епидемиолошката состојба сé посериозна

Новите мерки за влез и излез од земјава пред Владата, епидемиолошката состојба сé посериозна
Скопје, 17 август 2021 (МИА) - Владата денеска треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен PCR тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан КОВИД. Овие нови мерки нема да стапат во сила веднаш. Во меѓувреме, бројките на заразени не стивнуваат. Според последниот биланс, регистрирани се 296 нови КОВИД случаи и осум починати лица. Здравствените власти се задоволни од процесот на вакцинација. Сметаат дека се одвива добро, особено по најавата и воведувањето на рестриктивните мерки, но, сепак, уште еднаш порачаа дека имунизацијата е единствениот начин да се стави крај на пандемијата. Како што соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче, ќе има и вакцинирање со трета доза. Овој процес ќе опфати имуно-дефицитарни лица, пациенти на кои им е извршена трансплантација и кои се на хронична дијализа. Вакцини има доволно, а во наредниот период се очекуваат и дополнителни дози. – Процесот на вакцинација се одвива добро по најавените мерки, што е добар сигнал и верувам дека тој тренд ќе продолжи. Минатата недела имаше денови кога достигнавме бројка од 8.000 граѓани кои се пријавија да примат прва доза вакцина. Околу 50.000 вакцини се дадени претходната седмица. Опфатот на вакцинирано население изнесува околу 35 проценти. Процентот на вакцинирани граѓани над 70 години, порасна од 63 на 70. На населението над 50 години, процентот од 45 сега е речиси 50, што е добар знак за оваа категорија граѓани. Гледаме дека во градовите каде што опфатот со вакцинација е висок, на пример Охрид, Битола, Штип, нема пациенти во болниците. Досега се вакцинирани околу 4.000 деца до 18 години. Најмногу се вакцинираат повозрасните, односно 16, 17 и 18 годишни, соопшти Филипче. Тој оцени и дека епидемиолошката состојба станува се посериозна, поради што, напомена, мерките треба максимално да се почитуваат. -Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, рече министерот. И Хелсиншкиот комитет повика на одговорност и рационалност во борбата со пандемијата - граѓаните во врска со коронавирусот да се информираат од релевантни извори, засновани на научни сознанија и препораки и да ги отфрлат информациите базирани на лаги и теории на заговор. Хелсиншки изрази и загриженост поради изјавите и пораките од неделните протести против вакцинацијата и мерките за заштита. -Комитетот секогаш го поддржува правото на протест и слободно изразување на мислењето, но истовремено, секогаш треба да биде присутна свеста дека граѓаните, покрај уставно гарантираните права, имаат и уставно регулирани должности. Во таа насока, потсетуваме на членот 39  од Уставот на Р.С Македонија, според кој граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје, но и здравјето на другите. Токму затоа, забраните во случај на одбивање на вакцинацијата, во ниту еден момент не може да се подведат под сомнение дека би биле основ за дискриминација или во спротивност со Уставот и основните човекови слободи и права, наведе Хелсиншкиот комитет. Поради сериозноста на КОВИД-ситуацијата, од вчера почнаа со работа модуларната болница до Инфективната клиника, инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“ и три тријажни центри. Од вчера стапија во сила и новите рестриктивни мерки според кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан КОВИД во изминатиот 1,5 месец. ВМРО-ДПМНЕ ги нарече ваквите мерки фашизоидни и дискриминаторски, а Независната угостителска комора (НУК) јавно побара од Владата целосно и безусловно да ја укине одлуката за забранет влез на невакцинирани во угостителските објекти, посочувајќи дека е условена и неспроведлива и дека е неприфатлива и за многу граѓани. Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено. Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли. Според надлежните, мерките се носат за да се заштити јавното здравје и за да нема потреба од повторно воведување локдаун и целосно затворање на одредени дејности. Во однос, пак, на најновиот предлог што Владата ќе го разгледува денеска - за влез и излез од земјава да се воведе задолжителен PCR тест, сертификат за вакцина или потврда за прележан КОВИД, реагираа туристичките агенции. Според нив, евентуалното донесување таква одлука ќе значи тотален колапс на секторот и ќе ги примора да излезат на улица. Досега во земјава се направени 1.065.772 тестирања, а вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани од почетокот на епидемијата е 162.457. Бројот на оздравени пациенти изнесува 150.960, на починати 5.560, додека на активни случаи е 5.937. мч/аа/    

Остани поврзан