• понеделник, 23 декември 2024

Новиот претседател на Сенегал најави системски промени и ги всели двете први дами во претседателската палата

Новиот претседател на Сенегал најави системски промени и ги всели двете први дами во претседателската палата

Дакар, 2 април 2024 (МИА) - Левичарот Басиру Диомај Феј денеска стана петтиот претседател на Сенегал, ветувајќи системски промени во земјата. Во претседателската палата ќе има две први дами, бидејќи новиот претседател одлучи да не ја прикрива полигамијата.

Феј положи заклетва пред стотици сенегалски функционери и неколку шефови на држави и африкански лидери, во близина на Дакар.

Тој се заколна „пред Бога и пред сенегалската нација, дека верно ќе ги извршува должностите на претседателот на Република Сенегал“, дека ќе го брани „интегритетот на територијата и националната независност“ и конечно дека нема да штеди напори за да постигне африканско единство.

Феј (44), кој е во својот прв мандат, стана најмладиот претседател на западноафриканската земја од независноста во 1960 година. Тој стана шеф на државата само три недели по излегувањето од затвор.

Во кусиот говор по положувањето заклетва, Феј рече дека е свесен дека неговата убедлива победа во првиот круг од претседателските избори на 24 март ја изрази „длабоката желба на населението за системски промени“.

„Под мое водство, Сенегал ќе биде земја на надеж, мир, со независно судство и зајакната демократија“, рече Феј, кој победи во првиот круг од изборите со 54,28 отсто од гласовите.

Тој ги спомна трите години немири во земјата пред неговиот избор, во кои загинаа неколку десетици луѓе, а стотици беа уапсени.

Феј го наследи Меки Сал (62), кој ја водеше 18-милионската земја 12 години и одржуваше силни односи со Западот и Франција.

Новиот претседател е муслиман кој има две сопруги, и двете беа присутни на неговата инаугурација. Феј стана првиот претседател на таа земја кој реши да не ја крие полигамијата. Тој има четири деца. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан