• понеделник, 23 декември 2024

Новини во платежната сфера од 1 јануари - Советот на Народната банка донесе 12 подзаконски акти

Новини во платежната сфера од 1 јануари - Советот на Народната банка донесе 12 подзаконски акти

Скопје, 26 ноември 2022 (МИА) - Советот на Народната банка усвои сет подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера која ја поставува Законот за платежни услуги и платни системи, чија примена ќе започне од 1 јануари 2023 година.

-Примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги со тоа што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка. Така, од почетокот на следната година, покрај банките  платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постоечките и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања, информираат од Народна банка. Оттаму посочуваат дека за извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите, односно правните и физичките лица, ќе може да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Паричните средства на правните и физичките лица на овие сметки нема да претставуваат депозити и на нив нема да се пресметува и исплатува камата. Исто така, паричните средства кај платежните институции и институциите за електронски пари ќе бидат заштитени, со тоа што ќе се чуваат на посебни сметки во Народната банка, во деловните банки или штедилници, а нема да влегуваат ниту во стечајната или ликвидационата маса во случај на престанок со работа на институцијата или на банката  и штедилницата каде што се чуваат. Новата регулатива, како што е наведено во соопштението од Народна банка, ќе овозможи и поголема заштита на правата на корисниците на платежни услуги, а особено на физичките лица кои се потрошувачи, преку стандардизирање на содржината на рамковните договори кои ги склучуваат со давателите на платежни услуги и обврзување на давателите на платежни услуги да им даваат целосни, јасни и навремени информации за платежните услуги кои ги нудат и условите за нивно извршување. Особено значајна новина за потрошувачите ќе биде олеснетото споредување на надоместоците за услугите поврзани со платежната сметка. За оваа цел, Народната банка ќе објави листа на 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежна сметка кои потрошувачите најчесто ги користат. Со цел појасно претставување на понудените услуги на потрошувачите и нивна споредливост, давателите на платежни услуги ќе бидат должни, пред склучувањето на рамковен договор за користење на платежни услуги, да му дадат на потрошувачот информативен документ за надоместоците на услугите, според стандардизираните термини и дефиниции од листата на најрепрезентативните услуги. Воедно, ќе бидат должни да ги достават до Народната банка и податоците за надоместоците за најрепрезентативните услуги што ќе ги нудат на потрошувачите. Тие податоци ќе бидат објавени веб-страницата на Народната Банка, што ќе им помогне на потрошувачите на лесен начин да да ги споредат надоместоците што ги нудат различни даватели на ваквите услуги. На овој начин, се очекува да се зголеми информираноста на потрошувачите и да се олесни донесувањето на одлуки од нивна страна за користење на платежни услуги од конкретен давател на платежни услуги. Споредбата на надоместоците на веб-страната на Народната банка се очекува да биде овозможена најдоцна до 30 септември 2023 година. На оваа седница Советот на Народната банка, како што се наведува во соопштението, усвои и други подзаконски акти со кои подетално се регулираат прашањата поврзани со капиталните барања за новите даватели на платежни услуги, стандардите за работење на платните системи, известувањето до Народната банка и надзорот кој ќе го спроведува Банката над нивното работење. дма/

Остани поврзан