Новинарот на МИА Слободан Иванов награден на „Ability Awards“ - настан за инклузијата и различноста
- Новинарот на МИА Слободан Иванов е добитник на наградата во категорија за ИТ вештини, што вечерва му беше доделена за време на церемонијата „Ability Awards“ во Скопје, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Новинарот на МИА Слободан Иванов е добитник на наградата во категорија за ИТ вештини, што вечерва му беше доделена за време на церемонијата „Ability Awards“ во Скопје, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
На церемонијата „Ability Awards“ вечерва беа врачени награди на десет поединци и десет компании кои се залагаат за еднаквост и инклузија. Оваа година, преку отворен повик, беа номинирани 40 инспиративни лица со попреченост во различни категории, кои преку своите достигнувања и приказни ја претставуваат моќта на решителноста и креативноста.
- Од секогаш сум верувал дека попреченоста не е пречка за успех и напредок. Мојот совет е да се ангажирате во тоа што ве исполнува и се ќе си дојде на своето место. Би сакал да се заблагодарам на моето семејство, пријателите и колегите за се што му пружиле во животот, и секако на Медиумската информативна агенција која што веруваше во мене, рече Иванов вечерва по добивањето на наградата.
Слободан Иванов е новинар во МИА, кој редовно ги вклучува лицата со попреченост во неговите вести и прилози. Се занимава со проток на информации при што секојдневно ги користи своите ИТ вештини за справување со софтверските проблеми на кои наидува.
Во полето на културата и уметноста, награда вечерва доби Ема Анакиевска, пијанистка и автор на свој музички репертоар. Таа е повеќекратна добитничка на награди по државни и меѓународни натпревари по пијано. Има настапувано во Националната опера и балет, МКЦ, Даут Пашин Амам, Музејот на Град Скопје, Коларац Белград и други културни објекти.
Во полето на спортот, наградата ја доби Оливера Наковска-Бикова, репрезентативка во спортско стрелаштво. Таа има освоено златен медал од Параолимписките игри во Лондон во 2012 година.
За најдобар работник во бизнис секторот награда освои Еркан Ќаил, прв лиценциран делегат на Кошаркарската федерација на Македонија, како лице со попреченост. Има осум години работен стаж во Сава Пензиско на позиција технички помошник за грижа на членства и маркетинг.
Во категоријата лидерство, добитник на награда е Елена Кочоска, застапник за политички и законодавни реформи, чија работа е втемелена во визијата аз инклузивна еднаквост содржана во Конвенцијата за права на лица со попреченост. Таа е член на Одборот на Европската мрежа за независно живеење ЕНИЛ. Претседател е на Одборот на Македонскиот центар за меѓународна соработка и консултант на националните механизми за мониторинг во земјата.
За најдобар во јавниот сектор е рпогласен Арбереша Влаши, проектен координатор при Центарот за развој на Југозападен плански регион. Тој е претседавач на Советот на Општина Струга, но и имплементира проекти кои придонесуваат кон развојот на економијата и креирање на социјалната кохезија.
Во полето на бизнис иноватор, добитници се Радмила Периќ и Мартин Ангелов, сопственици на пица бар „Улаф сте“. Станува збор за прво кафуле и пицерија на знаковен јазик во државата, основано во 2020 година, чии менија се направени така да им објаснат на гостите како да нарачат на знаковен јазик.
Во полето борец за човекови права награда доби Бранимир Јовановски, прв македонски освојувач на златен параолимписки медал во Барселона во 1992 година. Автор е на многу текстови и ТВ гостувања како говорник за правата на заедницата. За влијание на општествената свест добитник на награда е Бранкица Димитровска, дипломиран правник по Меѓународно јавно право и дипломатски односи. Таа е активист за правата на лицата со попреченост и гостин на многу јавни ТВ дебати.
Во полето промотор на инклузија, вечерва награден беше Гере Трипков, основач на „Equality“ Скопје, организација која се бори за правата на лицата со попреченост. Основач е на „Зен“, прв моден бренд за лица со попреченост. Наградените компании се Сава осигурување, Алкалоид, портал ЛицевЛице, Даути комерц, Ипсос...
Креаторката на „Best Online Assistant“, Елизабета Јовановска во своето обраќање на отворањето на настанот вечерва рече дека гласот за еднаквоста и инклузијата секогаш е посилен и поблиску стигнува до сите релевантни институции.
- Ние немаме искуство со креирање на вакви настани, но имавме желба да креираме нешто што до сега не се случило во Македонија. Никогаш до сега наши значајни уметници немале можност да настапуваат на вакви настани. Сигурна сум дека оваа вечер ќе ви остане во сеќавање, затоа што истата има за цел да мотивира и инспирира, да видите 40 избрани лица со попреченост, кои што имаат значајни постигнувања, и секогаш кога во иднина треба да направиме нешто, да мислиме и на нив, рече Јовановска.
Само така, посочи, можеме да бидеме еднакви, само така можеме да напредуваме сите заедно сплотено.
Наградите на добитниците ги доделија министерот за локална самоуправа, Златко Перински, министерот за спорт Борко Ристовски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменик министерот за економија Марјан Ристески, амбасадорот на Словенија Грегор Прескер, заменик министерот за труд и социјала Ѓоко Велковски, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик амбасадорот на ЕУ Бен Нипнау. бт/бак/
Фото: МИА