• петок, 22 ноември 2024

Нова шокантна изјава на Трамп: Меѓу имигрантите во САД има многу лоши гени

Нова шокантна изјава на Трамп: Меѓу имигрантите во САД има многу лоши гени

Вашингтон, 8 октомври 2024 (МИА) - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека во САД има „многу лоши гени“.

Тој ова го изјави на предизборен митинг, додека зборуваше за убиствата наводно извршени од мигранти кои нелегално живеат во САД.

-Многу од нив убија многу повеќе од едно лице, а сега живеат среќно во САД. Тоа е во нивните гени. И ние во моментов имаме многу лоши гени во нашата земја, рече тој.

Трамп мислеше на писмото од Службата за имиграција и царина до републиканскиот претставник Тони Гонзалес, објавено минатиот месец, во кое се покажа дека 13.099 лица осудени за убиство се на списокот на Имиграцијата и царината на САД (ICE).

Во тој список се ставени различни видови имигранти кои влегле во земјата легално и нелегално, а многу луѓе од оваа категорија не се во притвор на имиграциските власти бидејќи се наоѓаат во државни или федерални затвори, пишуваат британските медиуми.

Кампањата на Трамп во соопштение застана зад коментарот на поранешниот претседател, потенцирајќи дека тој зборува само за убијци, а не за имигранти.

-Претседателот Трамп јасно мислеше на убијците, а не на мигрантите. Многу  е одвратно што медиумите секогаш толку брзо ги бранат убијците, силувачите и нелегалните криминалци, ако тоа значи да напишат лош наслов за претседателот Трамп, рече портпаролката на кампањата на Трамп, Каролин Ливит.

„Тој вид на јазик е омраза, одвратен, несоодветен и за него нема место во нашата земја“, рече портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан