• понеделник, 23 декември 2024

Нова средба во обид за договор за формирање косовска влада

Нова средба во обид за договор за формирање косовска влада
Приштина, 28 јануари 2020 (МИА) – Партиите победнички на октомвриските парламентарни избори во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), ќе се сретнат попладнево во нов обид да постигнат договор за формирање заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина. Извори од двете партии изјавија за медиумите дека новата средба на преговарачките тимови, предводени од партиските лидери Албин Курти (ВВ) и Иса Мустафа (ЛДК) ќе се одржи попладнево во 17 часот во просториите на косовското Собрание. Претходно, по вчерашниот тричасовен состанок, беше најавено дека на денешната средба ќе присуствуваат и шефицата на Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Приштина Наталија Апостолова и амбасадорите на земјите од таканаречената „Група Квинт“, односно петте најмоќни држави акредитирани во Косово – САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија. - Беше барање на ВВ денешната средба да се одржи во присуство на претставници на „Квинтот“ и шефицата на Канцеларијата на ЕУ, изјави за порталот Коха.нет извор од ЛДК. Од ВВ потврдија дека попладнево во 17 часот ќе се одржи новата средба, меѓутоа велат дека западните дипломати се уште не го потврдиле своето учество на неа. Курти, како лидер на партијата победничка на парламентарните избори во Косово, го доби мандатот за формирање на новата влада минатиот понеделник, на 20 јануари, по што почна да тече рокот од 15 дена во кој треба да го предложи на Собранието составот на неговиот иден кабинет. Досега опозициските ВВ и ЛДК ги започнаа преговорите за коалиција речиси веднаш по затворањето на гласачките места на 6 октомври, меѓутоа и натаму не успеваат да се договорат околу поделбата на функциите. иа/гт/

Остани поврзан