Нова сензорна соба според потребите на граѓаните на Прилеп
- Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост „Ѕуница“ од Прилеп од денеска има сензорна соба за своите штитеници.
Прилеп, 12 април 2023 (МИА) - Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост „Ѕуница“ од Прилеп од денеска има сензорна соба за своите штитеници.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која ја отвори сензорната соба, ова е чекор поблиску до поквалитетен живот на лицата со попреченост.
-Сензорни соби се отвораат на целата територија на државата, придобивките кои ги добиваат корисниците од нив се несомнени. Навистина ми е драго што се повеќе лица со попреченост добиваат квалитетни третмани во центрите креирани според нивните потреби, рече Тренчевска.
Просторијата е опремена со сензорна туба со меурчиња со диск, интерактивна монтесори табла, татами подлога, диско топка, базен со топчиња, огледало, рипстоли, разни стимулативни светлосни, конструктивни и други играчки. Сензорната соба ќе ја користат лицата кои се корисници во Дневниот центар „Ѕуница“. Предвидено е да бидат вклучени и деца со аутизам од градинки и основни училишта кои немаат сензорна соби во нивните објекти.
Престојот на лицата кои не се дел од Дневниот центар ќе биде два до три часа во текот на неделата по претходно одреден термин и датум.
-Принципот на недискриминација, почитување на правото на достоинствен живот, градење на самодоверба и активно вклучување во заедницата се основните темели на нашата работа со децата со попреченост. Исто како и принципот на обезбедување семејна поддршка, подигнување на јавната свест и надминување на предрасудите кои постојат во однос на оваа ранлива група на деца, рече директорот на прилепскиот Центар за социјални работи Дејан Тошески.
Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост овозможува поддршка на згрижувачките и биолошките семејства во грижата на нивните деца со цел развивање на својот целосен потенцијал во нивната грижа. Од почетокот на 2023 година во дневниот центар се вклучени 12 корисници со тешка и умерена интелектуална попреченост и лица со аутизам. ем/дма/
Фото: Министерство за труд и социјална политика