• недела, 22 декември 2024

НИЈЗ ја истражува смртта на жената на словенечкиот дипломат која почина во Брисел по вакцинација

НИЈЗ ја истражува смртта на жената на словенечкиот дипломат која почина во Брисел по вакцинација

Љубљана, 21 мај 2021 (МИА) - Словенечкиот институт за јавно здравје (НИЈЗ), во соработка со белгиските здравствени власти, ја истражува трагичната смрт на сопругата на еден словенечки дипломат во Брисел, која по вакцинирањето претрпе венска тромбоза и почина од мозочен удар во болница, откако беше во критична состојба неколку дена.

Жената, помлада од 40 години, била вакцинирана пред десетина дена со вакцина на „Џонсон и Џонсон“, која се дава во единечна доза, а првите тешкотии ги почувствувала по неколку дена. Според Словенечката телевизија, таа најпрво добила главоболка и оток на ногата, а на лекарски преглед и дијагностицирале длабока венска тромбоза, по што претрпела мозочен удар и починала во болница по неколку дена во критична состојба. Националниот институт за јавно здравје покрена постапка за да утврди дали компликациите и смртта се поврзани со вакцинацијата, односно можните негативни ефекти на вакцината. Ова сега го истражува стручна комисија при Министерството за здравство, во која посочуваат дека сите информации што ќе ги добијат од белгиските здравствени власти ќе бидат важни за проценка на случајот. „Џонсон и Џонсон“, како и „АстраЗенека“, е векторска вакцина за која е утврдено дека предизвикува згрутчување на крвта во исклучително ретки случаи. Ова е потврдено и од Европската агенција за лекови (ЕМА), која продолжува да ги следи ваквите случаи. паг/
     

Остани поврзан