• недела, 22 декември 2024

Николоски од Подгорица: Полноправното членство во ЕУ најбрзо преку економското приближување

Николоски од Подгорица: Полноправното членство во ЕУ најбрзо преку економското приближување

Скопје, 26 април 2024 (МИА) -  Економското приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ е вистинската формула за остварување на нашата заедничка цел како регион - полноправно членство во ЕУ. Имплементацијата на реформите се вистинскиот чекор, а тие чекори се поттикнати и со новиот План за раст на Западен Балкан на кој интензивно работиме и од двете страни и земјите од регионот и ЕУ, порачал заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој во Подгорица учествува на состанокот на министри од регионот и претстаници од ЕУ посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

- Ваквиот регионален формат на состанување, кој е трет посветен на Планот за раст, претставува ефикасен модел за забрзување на реформската агенда. Реформската агенда во РС Македонија е веќе усвоена од страна на Владата и испратена во ЕК. Она што е важно е да дадеме поттик во остварување на тие реформски процеси и да го забрзаме нивното спроведување. Тоа ќе биде нашиот вистински пат за да стигнеме до ЕУ, истакнал заменик-министерот Николоски.

Како што соопшти Министерството за финансии, на регионалниот состанок Николовски се осврнал на конкретните активности што ги презема Владата во однос на пристапувањето на земјата кон СЕПА регионот и унапредување на зелените коридори.

- РС Македонија изрази подготвеност да ги исполни критериумите за блиски економски и правни односи со ЕУ и подготвеност да врши платни трансакции во евра преку пристапувањето во СЕПА. Тоа од причина што ќе придонесе за отстранување на пазарните бариери со земјите од ЕУ, подигнување на кредибилитетот на финансискиот сектор на меѓународната сцена, продлабочување на трговските односи со европскиот економски регион, поедноставни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и компаниите. Барањето е подготвено и се очекува да се поднесе апликацијата до средината на оваа година, нагласил Николоски.

Тој додал дека дополнителни придобивки се очекуваат и од унапредувањето на зелените коридори кои беа воспоставени за време на ковид-кризата.

- Постојните зелени ленти веќе придонесоа за намалување на времето на чекање на граничните премини, а со нивното натамошно проширување, ќе се обезбедат непрекинати синџири на снабдување и засилена трговија, што ќе го направи регионот поатрактивен за инвеститорите Со нивното проширување ќе се вклучат повеќе видови  стоки коишто ќе бидат опфатени со зелените коридори, како и  гранични премини меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, рекол заменик-министерот за финансии.

Притоа посочил на поддршката што ЕУ ја дава во областа на царината, како и на посветеноста на Владата во спроведување на националните реформи во оваа област. Тој нагласил дека понатамошното унапредување на царинската соработка треба да се фокусира не само на олеснување на трговијата, туку и на заштита на финансиските интереси и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, како и на безбедноста граѓаните.

Ова е трет министерски состанок посветен на Планот за раст. Првиот се одржа во Скопје, вториот во Тирана и на денешниот состанок домаќин е Подгорица. дма/бак/

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан