• петок, 27 декември 2024

Николоски: Можно е да се воведе градски воз во Скопје

Николоски: Можно е да се воведе градски воз во Скопје

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) – Новиот министер за транспорт и врски Александар Николоски смета дека од следната сезона е возможно во Скопје да се воведе градски воз, односно да се искористи постојната железничка инфраструктура за градски превоз со возовите што беа набавени од Кина пред крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

-Можеме да размислуваме за воведување на таканаречен градски воз во рамки на градот Скопје. Постојната железничка инфраструктура во градот Скопје е релативно добра и ќе овозможи да се искористи и граѓаните за точно определено време да може да стигнуваат на пример од Драчево до Скопје. Тоа може да почне уште од следната сезона и може да се направи цел железнички прстен околу Скопје, особено со населбите од кои луѓето имаат сега сериозен проблем да дојдат до центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот и за тоа ќе можат да се искористат возовите кои се купија на крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, рече Николоски во интервју за ТВ Сител.

За изградбата на пругата од Куманово до Деве Баир рече дека веднаш може да гарантира дека ќе се реализираат првите две фази, кои се работат, а за третата за која се предвидени грантови и кредити, потенцира, не е ни почната постапката. Затоа за таа фаза поконкретно ќе може да каже конкретен рок за месец или два.

За рокот за изградба на автопатот од Кичево до Охрид вели дека засега останува на тој што е даден во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, односно до крајот на 2026 година иако, како што кажа, ќе направи се за да се реализира побрзо. Ќе го чека назначувањето на новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта за, како што вели, да може да каже нешто поконкретно.

-Не сакам да давам рокови, ние во нашата програма напишавме до крајот на 2026 година, што мислам дека е реален рок. Јас секако ќе направам се заедно со мојот тим и заедно со новиот директор на ЈП за државни патишта, бидејќи сметам дека постојниот нема капацитет да го води тоа претпријатие, тој рок да биде пократок, рече Николоски.

За изградбата на овој автопат, додаде, има проблем со несериозниот однос со изведувачите, експропријација и свлечиштата, односно т.н. косини. Сите проблеми, додаде, се решливи.

Потсети дека изградбата на сите магистрални, регионални и експресни патишта и автопати е во надлежност на ЈП за државни патишта, а Министерството за транспорт и врски е контролор.

За договорот со Бехтел и Енка, пак, посочи дека, ќе се разгледаат сите можности македонските граѓани да добијат што е можно повеќе километри автопат и експресни патишта за договорената рамка на средства од 1,3 милијарди евра. Според него, недомаќински е да се раскине договор за кој веќе се исплатени нешто помалку од 250 милиони евра, зашто тоа би значело откажување од тие средства, плус би следеле и возможни арбитражни постапки.

-Треба да видиме дали цените кој овој проект се реални и што може со домаќинско работење и реални цени да се добие плус од тој проект и тој проект да се заврши, рече Николоски.

 И кај овој проект како клучен проблем ја посочи експропријацијата за која рече дека најверојатно ќе треба да се направат некои законски измени и подобри постапки. Потенцира дека треба и да се декласифицира договорот со Бехтел и Енка и сите граѓани да може да го имаат на увид. вј/са/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан