• петок, 22 ноември 2024

Николоски за МИА: Во изборна година мора да се зачува стабилна економската клима

Николоски за МИА: Во изборна година мора да се зачува стабилна економската клима

Прилеп, 25 декември 2023 (МИА) - Одржувањето на инфлацијата на стабилно ниво и експанзивната политика, која преку усвојувањето на новиот антикризен пакет, се очекува да даде резултати, треба да создаде постабилна клима за економскиот раст во 2024 година во која нѐ очекува изборен процес, оценува професорот Димитар Николоски од прилепскиот Економски факултет, кој воедно е и експерт за пазарот на труд.

Во изјава за МИА, Николоски вели дека во изборна година како што е 2024 година, бизнис заедницата се однесува доста резервирано во однос на инвестирањето.

- Она што е важно за годината која претстои е да продолжи овој курс на стабилна инфлација, бидејќи изминатава година се соочувавме со процес на забрзување на инфлацијата. Стабилизирањето на инфлацијата би создало еден добар, или поволен амбиент за бизнисите за да можат да инвестираат. Исто така, очекуваме експанзионата политика која, преку усвојувањето на деветтиот пакет владини мерки, да го даде својот резултат, пред сѐ, преку зголемената агрегатна побарувачка кај населението, што, во голема мера, би требало да влијае врз подобрување на животниот стандард, но, исто така, и создавање на подобра клима за одржување на економскиот раст, вели Николоски.

Според него, проблем останува недостигот на работна сила. Решението би можело да биде увоз на работна сила, но, според Николоски, тоа е несигурно и прво треба да се активира неискористениот трудов потенцијал од редот на невработените и од неактивното население.

-Проблемот со работната сила може да го набљудуваме од два аспекта. Како квантитет, како број на лица, работници кои ни недостасуваат, но, исто така, и како квалитет со какви вештини или компетенции располагаат работниците. Јас би рекол дека кај нас повеќе е акцентот во неусогласеноста на вештините кај работната сила, односно, неусогласеноста на она што значи понуда и побарувачка на вештини. Увозот би можел да биде решение за недостигот на работната сила, меѓутоа, треба да знаеме дека имаме случаи на релативно ниски плати во Македонија,  во споредба со поразвиените европски земји, што значи дека Македонија сѐ уште не е доволно атрактивна за привлекување на високостручна странска работна сила. Но, исто така ние, како држава, имаме сѐ уште висока стапка на невработеност од 12,5 проценти и ниска стапка на активност, што значи дека сѐ уште имаме неискористен трудов потенцијал кој би можел да се извлече од редот на невработените и од неактивното население, посочува Николоски.

Смета дека  преку активациски мерки дополнително може да се привлече дополнителна работна сила од контингентот на невработеното или неактивното население во земјава кое би можело да биде во функција на стопанскиот развој.

Во однос на дигитализацијата на компаниите, Николоски вели дека пристапот кон овој процес треба да биде стратешки. Во земјава само 40 насто од фирмите се дигитализирани. 

- За жал, во Македонија е мал бројот на компании кои имаат стратешки пристап во дигитализацијата, бидејќи таа не значи само усвојување на нови, современи, дигитални технологии, туку значи и оспособување на работниците со соодветните дигитални вештини. Затоа, неопходни се доста претпазливи чекори и, пред сѐ, стратешки пристап кон развојот на дигитализацијата. Тука мислам на развојот на нови курикулуми, или пак, редизајнирање на постоечките курикулуми во високото стручно образование преку вклучувањето на дигиталните, зелените вештини и компетенции, потоа, поголем акцент врз неформалното образование кое е многу важно во услови на брз технолошки развој, како и соодветни активни мерки кои би ги таргетирале оние лица чии вештини на пазарот на трудот се застарени за да стекнат нови вештини кои би се носеле со ваквите промени во новото дигитално општество кое доаѓа, оценува економскиот експерт Николоски. ем/бак/

 

Фото: МИА

Остани поврзан