• понеделник, 23 декември 2024

Николоски во Брисел на средби со Вархеи и Суперти

Николоски во Брисел на средби со Вархеи и Суперти

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во функција на известител определен од Парламентарното Собрание на Советот на Европа за Босна и Херцеговина денеска e во работна посета на Брисел во институции на Европската Унија, со цел да разговараат за напредокот на Босна и Херцеговина, но и за можностите за напредок на Западен Балкан како целина.

Николоски, како што соопшти  ВМРО-ДПМНЕ, заедно со неговиот колега Немет најпрво ќе се сретнат со комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеи и директорот за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската Унија, Валентина Суперти.

Во соопштението е посочено дека на средбите ќе се разговара за напредокот во исполнувањето на обврските на Босна и Херцеговина, како и за можностите за побрза интеграција на регионот во Европската Унија. Покрај овие средби предвидени се и други состаноци со претставници на Европската Комисија. Главен предизвик и за Босна и Херцеговина и за регионот е борбата со организираниот криминал и корупцијата и сериозната борба со корупцијата е главен предуслов за напредокот кон Европската Унија.

-Работната посета на овие институции во Брисел уште еднаш ја потврдува заложбата на ВМРО-ДПМНЕ за интеграција на целиот регион во ЕУ и е потврда за бројните пријателства кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во рамки на Европската Унија, Советот на Европа и Европската Народна Партија како најсилна партија во Европа, се додава во соопштението.

Александар Николоски е првиот македонски пратеник избран за известител на Мониторинг комисијата во Советот на Европа за било која држава во Европа. дма/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан