• вторник, 12 ноември 2024

Николоски: Виктор Димовски и Оливер Спасовски треба да понесат одговорност за давањето државјанство на Онишченко

Николоски: Виктор Димовски и Оливер Спасовски треба да понесат одговорност за давањето државјанство на Онишченко

Скопје, 23 ноември 2022 

Денешната прес конференција е поврзана со состојбите во Агенцијата за национална безбедност и министерството за внатрешни работи. Имено, Агенцијата за национална безбедност наместо државна институција е претворена во партиско приватна институција која е подредена за личните и партиски интереси.

Пред еден месец јавно истакнав дека АНБ се злоупотребува и дека се врши прислушкување и следење на врвот на опозицијата. На тоа нема никаков демант ниту реакција, напротив АНБ мистериозно знае кој каде оди и со кого комуницира од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме следени со месеци за тоа имаме кредибилни информации, а можеби и со години.

Најдобар доказ се пропустите во низа и затоа јасно велам - Законот за АНБ е добар, но имплементацијата е катастрофална.

Во однос на имплементацијата недостасуваат два клучни елементи - првиот е внатрешна контрола и вториот департизацијата преку тестирањето на полиграф на вработените во службата.

15 месеци не се спроведува членот 53 и членот 54 од Законот за АНБ. Со не именување на шеф на внатрешна контрола има отсуство на надзор врз мерките кои АНБ ги спроведува против опозицијата како и испитување на конкретни случаи како оној со Онишченко.

Кој сега во отсуство на шеф на внатрешна контрола ќе изготви вонреден извештај за пропустите во вршењето на безбедносната проверка? Да ве потсетам дека така почнува судирот во безбедносните служби, кога СДСМ реши да не направи кворум на својот директор Виктор Димовски на седницата за контрола на работата на АНБ и АР, кога требаше да се избере директор за внатрешна контрола. Затоа што веројатно клановите во рамки на СДСМ, кои што сакаат да ја контролираат АНБ не можеа да се договорат помеѓу себе. И така АНБ 14 месеци нема директор за внатрешна контрола и никој не го спроведува контролирањето во АНБ иако тоа е клучен сегмент и не случајно собраниската комисија дава дозвола за предлогот.

Три години Димовски не го спроведува и членот 67 став 1 алинеја 7 кој се однесува на задолжително полиграфско тестирање врз вработените во АНБ што е основен законски услов да се стекне работен однос во службата. 3 години нема одговор колку од 381 вработен во АНБ поминале полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, а колку се покажале недостојни за вршење на службата заради негативен полиграф.

А, овие денови АНБ и Виктор Димовски приредуваат уште еден скандал со бегалецот Онишченко.

Виктор Димовски и Оливер Спасовски треба да понесат одговорност за давањето на Македонско државјанство на белосветскиот криминалец - Украинецот Онишченко, кој е на црна листа на САД, а по кој официјално трага и Украина.

Никакви суспензии на службеници не може да ја тргнат вината од Спасовски и Димовски.

Покрај тоа што Онишченко е на црна листа на САД, тој е и лице по кое има потерница од страна на Украина, имено на веб сајтот на МВР на Украина стои името и податоците токму  на ова лице.

Овие податоци морало да бидат проверени од АНБ и МВР.

И Спасовски не може да избега од одговорност, исто како што не може да избега од одговорност за издадените пасоши на Шкаљарците, Седат Пекер и редица други белосветски криминалци кои што гледаме се убиваат помеѓу себе со македонски пасоши.

Очигледно Оливер Спасовски преферира лица кои се на црната листа на САД за бизнис соработка, како што е големиот скандал кој што го изнесов во јавноста за соработка со  фирмата „Инфинити“ на синот на Додик.

Оливер Спасовски како Министер за внатрешни работи директно ја загрозува нашата, но и безбедноста на нашите сојузници од НАТО и ЕУ.

Спасовски не може да бега од одговорност.

Очекуваме институциите да реагираат со одземање на државјанството на Онишченко, а Спасовски и Димовски да поднесат оставка. Не може Македонските безбедносни служби наместо за сузбивање на криминалот, заштита на уставно правниот поредок на Македонија да се користат за поддршка и логистика на белосветски мафијаши.

Одговори на новинарски прашања

Прашање: Околу тоа дека АНБ ја следи опозицијата, токму директот на АНБ, Виктор Димовски, минатата недела негираше такво нешто дури и најави кривични пријави кон пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, којшто издал информации и детали за двајца оперативци кои наводно сте ги виделе на терен додека го следеле вашиот лидер? Како ја коментирате оваа негова изјава? Второ околу комисијата за отчет на Димовски, таму се случи еден безбедносен пропуст што сега е причина да оваа комисија не работи, а собранискиот спикер Џафери вели дека нема да има комисија се додека не се открие која била причината за ваквиот безбедносен пропуст. Како тоа го толкувате, дали е можно некакво намерно одложување на комисијата бидејќи обвинувате и барате одговорност од директорот на АНБ?

Одговор: Во однос на следењето, да имаше АНБ директор  за внатрешна контрола ќе можеше да побара соодветната собраниска комисија испитување за работата на АНБ за точно да се утврди кој и зошто физички е следен од страна на опозицијата. Во однос на обвинувањата кон пратеникот Ковачки, тоа е нормално во Македонија, наместо џелатот, да одговара жртвата, па не е проблем што тие го кршат законот, проблем е што некој изнесол во јавност дека законот е прекршен. Точно е дека во Прилеп имаше сериозни сомнежи дека сме следени, бевме во посета на Прилеп и претседателот на партијата и јас.

Во однос на работата на Собранието, ќе ми дозволите ова можеби прв пат ќе оди во јавност, јас се сомневам дека целиот инцидент во петокот беше исцениран. Затоа што немаше друг начин да се спречи работата на соодветната комисија за надзор освен да се исценира инцидент. А после тоа да имаме ваков заклучок во кој меѓу себе треба да се контролираат оние кои го кршат законот. Имено претседателот ан собранието кој е од владејачкото мнозинство вели дека нема да продолжи комисијата која ја води опозицијата се додека не се заврши истрагата и извештајот која ја води МВР која ја води министер од владејачкото мнозинство, па теоретски може истрагата да трае две години и значи дека две години ќе нема комисија што само потврдува дека продолжуваат да ги злоупотребуваат институциите и се плашат од вистината.

Прашање: Барате оставка од директорот на АНБ, а премиерот кажа дека веќе е во процедура избор на нов директор, сепак Димовски оди за амбасадор во Франција. Што подразбирате под оставка?

Одговор: Тука има два моменти. Прво однос на избор на директор на АНБ, постапката за избор на директор на АНБ трае шест до седум месеци вкупно досега. Единствената причина зошто досега не е избран нов директор на АНБ е затоа што постои клановска битка во рамки пред се на владејачката СДСМ кој од клановите таму ќе наметне свој директор на АНБ. Еден клан е близок до министерот за внатрешни работи, друг клан е близок до генералниот секретар на партијата, трет клан е близок до поранешниот премиер, четврти клан е близок до актуелниот премиер. Четири клана се борат во рамки на СДСМ кој да наметне директор на АНБ и затоа му го направија тоа понижување на Виктор Димовски да дојде на комисија за контрола на АНБ и АР да предложи директор за внатрешна контрола и СДСМ партија на која е член, а бил и функционер да не му направи кворум на собраниската комисија што е прв пат во историјата на Собрание мнозинството само на себе да не си прави кворум.

Тоа е во изборот на АНВ, во однос на оставката тој сеуште е актуелен директор, оставка во политика е морален чин, дури и да знаете дека мандатот ви завршува за 5 дена, ако денес направите грешка треба да поднесете оставка затоа што тоа е чисто морален чин. Во однос на испраќање амбасадор во Франција се надевам дека ќе има доблест и министерството за внатрешни работи и кандидатот за амбасадор да ја отворат за јавност комисијата за надворешни работи, не гледам што има тајно во амбасадорување во Франција па да заеднички поразговараме дали одговара или не одговара да биде амбасадор во Франција.

Прашање: Во однос на Украинецот кој добил македонско државјанство, факт е дека тој човек на црната листа на САД поради мешање во изборните процеси во Америка, знаеме дека излегоа сериозни анализи дека Русија стои позади тоа, овој скандал влегува во екот на руско-украинската војна. Дали сметате дека можеби македонските служби се под влијание на Русија и дека Русија има влијание овде  и можеби поради тоа овој човек добива државјанство?

Одговор: Доколку би сакал да ви дадам одговор кој што политички ќе одговара најмногу на мојата политичка партија би рекол да. Но би кажал што реално мислам, а мислам дека не се под никакво влијание туку се неспособни и корумпирани. И тоа за еден систем е полошо од било какво влијание, затоа што влијанијата врз безбедносните служби најчесто се случуваат преку корупција, и најчесто оние кои што сакаат да извршат влијание врз безбедносните служби тоа го прават многу почесто врз коруптивни методи а многу поретко врз идеолошки принципи и сфаќања на службениците во безбедносните служби. Тоа се двата начини на кои што може да се влијае во Македонија мислам дека причината зошто се прават вакви грешки е корупцијата од секаков вид и неспособноста. Корупција е и да не спроведете полиграф затоа што на тој начин не знаете кој од вработените во службата исполнува или не исполнува услови. Не случајно е тој систем воведен. Корупција е и тие кои што работат во службата најмалку да се занимаваат со работата во службата многу повеќе да се занимаваат со лични бизниси, со рекетирање на бизнисмени по градов, или со следење на опозиција. Корупција е и да прима награда за да замижат за нешто јас сум убеден дека неспособноста и корупцијата е причината за овој скандал.

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан