• недела, 22 декември 2024

Николовски: Чичко ми е вработен во М-НАВ пред да се родам, а внукот е школуван во Јапонија

Николовски: Чичко ми е вработен во М-НАВ пред да се родам, а внукот е школуван во Јапонија

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска уште еднаш повтори дека нема никаква врска со вработувањата на неговите чичко и внук во М-НАВ. Тој изрази жалење што медиумите, како што рече, наместо да се интересираат за темите од земјоделството кое е основа на македонската економија, се обидуваат директно да шират лаги и невистини.

Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот со шпанската фирма „Глобалтек“ за поставување фотоволтаици на вода, Николовски напомена дека државава треба да ги отвори вратите за младите стручни кадри, а не да им испраќа порака дека не се добредојдени тука.

Според него, некому веројатно му смета Македонците успешни надвор од државата, да се вратат тука.

-Не коментирам дали нечија фирма е семејна, ваква или онаква. Тоа не е моја работа. Моја работа е да работам чесно, стручно, искрено, отчетно и професионално. Платен сум да се грижам за македонското земјоделство, да работам во интерес на земјоделците и медиумите треба да обрнат поголемо внимание на тоа. Уште еднаш ќе повторам, чичко ми е вработен во М-НАВ уште пред да се родам, а внукот е школуван 20 години надвор од државата, во Јапонија, Кина и Словенија. Знате за каков кадар станува збор? За највисокот стручен кадар. Чичко ми работел во М-НАВ уште пред 40 - 50 години, зарем мислите дека некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал и се вработил пред 1983 година? И тоа ви е најбитната тема? Зошто не бевте на брифингот кога го заокружувавме сработеното во земјдоелството за 2023 година? Не е убаво да праќате порака дека квалитетот не треба да се цени. Треба да ги отвориме вратите, секој да има еднакви шанси, а јас не сум влијаел. Имаше и постапка во ДКСК која е комплетно затворена. Вие може да проверите низ сите инстиуции каква била постаpката и дали станува збор за некој што не е квалификуван или школуван и дали доаѓа во областа што треба, истакна Николовски.

Според него, земјава треба да има професионална администрација и да му обезбеди шанса на секого.

-Од што се незадоволни младите? Од тоа што немаат шанса, а јас имам докажано дека вработените во мојот Кабинет како вицепремиер за борба проитв корупција ниту ги имам бирано, ниту имам влијаено, туку ги запознав дента кога завршија сите постапки и со тоа дадовме пример дека може да се стави крај на непотизам, партиски влијанија и партизација. И во МЗШВ ја отворивме вратата за студенти, за 50 млади за кои немам никакво влијание, ниту знам кои се и како се. Важно е дека се стручни и професионални, одработија најдобро и на новиот модел и на новата реформа. За разлика до овој наратив, се борам секој млад човек да остане тука, а не да го демотивираме и да пратиме порака: „тука не бива - бегајте“. Жалам што наместо да се интересирате за темите од делот на земјоделството, се обидувате директно да ширите невистини и лаги. Имавме брифинг за новинарите и жалам што во годината на над 100 проекти тие не се промовираа, напомена министерот. мч/aa/

фото: принт скрин

 

Остани поврзан