• недела, 22 декември 2024

Николовски: Министерството прави сè за да им овозможи на жените земјоделки подобри услови и за живот и за работа во руралните средини

Николовски: Министерството прави сè за да им овозможи на жените земјоделки подобри услови и за живот и за работа во руралните средини
Скопје, 16 октомври 2022 (МИА) - Во Демир Капија денеска се одржа настан по повод Меѓународниот ден на руралната жена, на кој учествуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Меѓународниот ден на руралната жена, традиционално секоја година се организира од страна на Националната федерација на фармери и Мрежата за рурален развој со поддршка на Шведската организација за развој We Effect.
На настанот учествуваше и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон, сопругата на претстедателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓорѓиевска, претставници на земјоделски здруженија и многу жени земјоделки.

-Драго ми е што нашите институции, Министерството за земјоделство и Министретсвото за труд и социјална политика, ја препознаа потребата за поддршка на руралните жени, и заедно со Телото на обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women и силната поддршка на We Effect,  Национална федерација на фармери, Рурална мрежа, Рурална коалиција и Факултетот за земјоделски науки и храна, во 2019 година ја започнавме приказната за креирање на посебна мерка наменета токму за руралните жени, која ја постигна својата цел. Жените земјоделки добија уникатна поддршка, изјави министерот Николовски.

Првиот јавен повик за Мерка 115 „Поддршка за активен женски член на земјоделско стопанство“ од Програмата за рурален развој, беше реализиран минатата година, со доделени договори за грант во износ до 3000 евра, за 250 жени регистрирани како носители на земјоделско стопанство.

Од нив, според податоците од Платежната агенција, 135 апликанти ја реазлизирале инвестицијата, а кон 103 Платежната веќе ги има исплатено средствата во износ од 15 милиони денари, во форма на неповратни грантови со кои се покрива 100 отсто од направените трошоци. Интересот за првиот повик за мерката Рурална жена ги надмина очекувањата, па затоа првично планираните средства за 100 договори, не беа доволни поради што Министерството успеа да обезбеди дополнителни средства, за да може сите жени кои аплицирале и при тоа ги исполниле условите, да ја добијат финансиска поддршка. Затоа, буџетот од предвидените 9 милиони денари беше зголемен на 40 милиони денари. Ова залагање на Министерството овозможи наместо 100 апликантки, грант да добијат вкупно 250 жени земјоделки.

-Успехот на мерката и интересот кој го покажаа жените земјоделки, а со тоа искажаа огромна доверба кон Министерството, беше мотив да ја удвоиме поддршката од 3000 на 6000 евра. Годинава го објавивме вториот јавен повик за мерката, со што предност им дадовме на жените земјоделки регистрирани согласно Закон за вршење земјоделска дејност и Закон за ПИО. Со ова фокус се става на поддршката на жените кои се вистински земјоделки и на кои земјоделското производство им е основна дејност. Од овде, можам да најавам дека на крајот на месецов ќе бидат издадени решенијата за одобрување на договорите за финансиска поддршка, во форма на грант до 6000 евра, за над 70 жени земјоделки. Значи, оваа година имаме удвоена  поддршка наменета за вистинските жени земјоделки, оние кои одбрале земјоделството да им биде професионална определба за заработка и егзистенција, потенцираше Николовски.

Со средствата од грантот, жените земјоделки можат да набавуваат опрема за винарство, линии за производство на сточна храна, опрема за производство на мед и пчелни производи, опрема за млинови, молзачки, калапи за сирење, машини за преработка и мелење на месо и останата преработувачка опрема, со што ќе можат да развијат нови производи, нови брендови и нова додадена вредност во македонската економија и тоа токму во руралните средини.

Во нивен интерес е и донесувањето на двата Правилници за продажба од куќен праг, за производи од растително и животинско потекло, кои придонесоа за уште поголема ефикасност на мерката, бидејќи на овој начин, жените легално ги продаваат своите производи и со тоа стануваат и економски самостојни, финансиски независни и конкурентни на пазарот.        

-Министерството прави сè за да им овозможи на жените земјоделки подобри услови и за живот и за работа во руралните средини, за да можат таму каде што живеат, каде што им е домот и семејството, да создаваат и да заработуваат од својот труд. Потврда дека во тоа сме успеале, се бројките од ЕРЗС на регистрирани жени носители на земјоделско стопанство кои постојано растат. Ако во 2019 пред почетокот на мерката сме имале 36.048 регистрирани жени, денеска тој број изнесува скоро 40.000, што значи дека сме поттикнале нови речиси 4000 жени да се регистрираат, рече Николовски.

Со новата мерка за бизнис план, која ќе стартува од 2023 година, овозможуваме грант од 10.000 евра за отпочнување сопствен бизнис, на која ќе можат да аплицираат и жените земјоделки, со што очекуваме сегашната бројка да порасне уште повеќе. Се што е потребно е жените да бидат храбри, да имаат идеја за бизнис, да направат план и да аплицираат.

Заложбите на РСМ во однос на воведување на родовите перспективи во политиките, се на многу напредно ниво. Земјите членки на Европската Унија, континуирано ја анализираат положбата на жената во земјоделството и руралните средини, во рамки на заедничката земјоделска политика. Министерството за земјоделство успешно ги применува насоките и континуирано работи на унапредување на статусот на руралните жени во нашето општество. сст/дма/

 

Остани поврзан