• четврток, 19 декември 2024

Николовски: Креираме нов модел на субвенционирање, целта е да го зголемиме домашното производство

Николовски: Креираме нов модел на субвенционирање, целта е да го зголемиме домашното производство
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вечерва изјави дека целта на новиот модел на субвенционирање е да се зголеми домашното производство.

- Со новиот предлог не се крати ништо од досегашната поддршка што ја добиваат земјоделците, останува истиот буџет распределен во повеќе програми за поддршка. Основата на костурот е премин од еден систем во кој субвенциите беа исплаќани по површина на земјоделските стопанства и фармерите сега таа поддршка ќе ја добиваат како основна субвенција за тоа што ја обработуваат земјата, а другиот дел од субвенциите  го врзуваме со производството, односно да докажат дека имаат производството кое е дадено или предадено на регистрирани преработувачки капацитети, трговци или купувачи и притоа да остварат приход, истакна Николовски на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.  

На новиот концепт, како што посочи, се работело шест месеци и следува презентација пред подсекторските групи и теренски средби со земјоделците со цел да се објасни новиот модел и до крајот на годината да се утврди.

- Програматa за рурален развој прераснува во инвестициска програма за поддршка, со посебен акцент на малите производители и на регистрираните земјоделци. Воведуваме нова мерка за поддршка на бизниси идеи во следните пет години. Се помагаат помалите фармери чија основна дејност е земјоделството, за инвестиции и проширување на производствтото, или почнување фабрики за расад. Овој повик ќе биде отворен цела година и ќе трае до исцрпување на средствата. Наместо ние да одредуваме за што ќе се дава поддршка, земјоделецот ќе може сам да подготви план и да аплицира за набавка на трактор, силос, систем за наводнување или др инвестиција, посочи Николовски.

Една од работите на која работи Министертвото, како што нагласи Николовски, е и земјоделското осигурување, преку креирање на осигурителен пул преку кој се планира во првите три години трошоците за осигурување да бидат покриени од државата.

- Овој концепт е зависен од донесувањето на законот за задолжително земјоделско осигурување, но и од добивањето на средства од програма на ФАО во висина од 50 милиони евра за кои веќе подготвивме проект и аплициравме. На овој начин го решаваме проблемот со штетите во земјоделството и ја забрзуваме постапката за исплата на штетите, рече Николовски. бак/

Остани поврзан