• петок, 22 ноември 2024

Никола Митревски од РК Еурофарм Пелистер најдобар битолски спортист за 2019 година

Никола Митревски од РК Еурофарм Пелистер најдобар битолски спортист за 2019 година

Битола, 9 февруари 2020 (МИА) - Ракометниот репрезентативец и голман на РК Еурофарм Пелистер, Никола Митревски е избран за најдобар спортист во Битола за 2019 година.

Според одлуката на битолскиот Сојуз на спортови, Митревски минатата година успешно настапи на светското и европското ракометно превенство, беше избран за најдобар голман во ракометната СЕХА лига и одлично го чуваше голот на РК Еурофарм Работник, од оваа година РК Еурофарм Пелистер.

Највисокото општинско признание од областа на спортот на Никола Митревски му го врачи градоначалникот на Битола Наташа Петровска која нагласи дека спортот е дисциплина што бара посветеност и истрајност.

-Спортот е дисциплина која умее моќта и силата да ги насочи за да се дојде до победа. Во изминативе две години како локална власт се соочивме и со предизвици во спортот, искрено помагаме, и само во 2019 година во спортот вложивме над 34 милиони денари со што потврдивме дека спортот го почитува и респектира. Со општински средства градиме фудбалски стадион, наскоро ќе нова кугларница, завршивме инфраструктурни зафати во училишните спортски, а го потпишавме и договорот за изградба на затворен пливачки базен во Битола, истакна Петровска.

На вечерашната промоција на најдобрите спортисти и спортски екипи, посебни признанија им беа доделени на Оливера Наковска-Бикова истакната спортистка и македонска пара-олимпијка, на шахистот Борче Илиевски, Златко Неделковски од „ЗА-НЕД-ДО“, џудо клуб „Пелистер“, тениски клуб „Пелистер“ и Игор Михајловски истакнат поддржувач на кугларството, а за континуирана поддршка и афирмација на спортот во Битола награди добија синдикалната организација на РЕК Битола и Сашо Ристевски сопственик на веб-порталот Битолањуз (Bitola News).

Според востановената традиција, Сојузот на спортови со пехари и дипломи ги награди најдобрите спортски клубови во младинска и сениорска конкуренција, како и дваесеттина млади талентирани спортисти од различни спортски дисциплини.мт/са/

Остани поврзан