• понеделник, 23 декември 2024

„Никогаш нема да бидеш сама“ – Завршна конференција за образовно и економско зајакнување на жените

„Никогаш нема да бидеш сама“ – Завршна конференција за образовно и економско зајакнување на жените

Скопје, 10 декември 2024

Завршната конференција од проектот „Образование и економско зајакнување на жените“, одржана во хотел „Александар Палас“, го одбележа успешниот завршеток на иницијативата која помогна на десетици жени да ги зајакнат своите вештини, да станат конкурентни на пазарот на трудот и да изградат независност во своите кариерни и животни одлуки.

Проектот, спроведен со поддршка од Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и Амбасадата на Република Словенија, беше насочен кон жени од руралните и ранливите категории, вклучувајќи и мајки на деца со попреченост и жени од различни националности.

Во рамките на конференцијата се одржа инспиративна панел-дискусија на тема „Како понатаму?“, на која учесничките од проектот ги споделија своите приказни за успех, предизвици и визии за иднината. Нивните сведоштва ја потенцираа важноста на заедништвото и поддршката како клучни фактори за надминување на економските и социјалните бариери.

Особено трогателен момент беше кога учесничките ја нарекоа Јелена Спасова, извршна директорка на Занаетчиската комора на РСМ, „хероина на жените“, истакнувајќи ја нејзината несебична поддршка, посветеност и инспиративно водство. „Јелена е нашиот глас, нашата сила и нашата надеж,“ изјави една од учесничките, нагласувајќи дека нејзината помош била клучна за многу од нив да го пронајдат својот пат и да ги надминат предизвиците.

„Овој проект не е крај, туку почеток на нашето заедничко патување. Жените заслужуваат свет исполнет со еднаквост, љубов и почит.  Ве повикувам сите да се сплотиме, да се поддржуваме и да го направиме невозможното возможно.“ изјави Спасова.

Проектот „Образование и економско зајакнување на жените“ останува инспирација за општествени промени и создавање на свет каде што жените се ценети, признати и моќни.

Коктел-дружењето на крајот од настанот овозможи неформална размена на идеи и визии за иднината, со цел зацврстување на заедништвото и соработката меѓу сите учесници.

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: #НикогашНемаДаБидешСама #ЖенитеСеСилата #РодовЕднаквост

Остани поврзан