• сабота, 23 ноември 2024

Нивото на Дебарското Езеро над просекот за овој период од годината

Нивото на Дебарското Езеро над просекот за овој период од годината
Скопје, 8 јули 2021 (МИА) - Нивото на Дебарското Езеро во моментов е на кота од 577.32 метри надморска височина, што е за еден и пол метар над просекот за овој период од годината. Увид во состојбата на акумулацијата и во работењето на хидроелектраната Шпилје изврши Благојче Трповски, директор за производство на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). - Самата исполнетост на езерскиот басен е сама по себе видлива и се надеваме дека 2021-ва ќе биде хидролошки добра година, дека ќе има врнежи, за разлика од 2020-та која ќе остане запаметена како хидролошки најлоша во последните 15 години, што влијаеше неповолно врз исполнетоста на езерата и акумулациите, а со тоа во значаен дел и врз домашното производство на електрична енергија, соопшти АД ЕСМ. Посочува дека изминатиот месец, во текот на планираниот годишен ремонт во Шпилје, успешно беше реализиран значаен зафат - промена на преттурбинските пеперуткасти затворачи на агрегатите. -Зафатот ќе го спречи губењето на водата низ турбинските кола кога тие не работат, како и други негативни последици кои предизвикуваа различни оштетувања на механизмите, а со тоа значително се зголеми доверливоста на електраната, изјави директорот Трповски при посетата на хидроелектраната Шпилје. Последен пат затворачите се сменети пред повеќе од 25 години што е показател за неопходноста на оваа инвестиција, наведуваат од АД ЕСМ. Ремонтот беше предвидено да трае до 10 јули, но изведувачките работи завршија неколку дена порано, така што од вторникот електраната веќе е вратена во системот на производство. хс/са/                  

Остани поврзан