Нејасно предупредување од директорот на словенечкиот Институт за јавно здравје
- Се влошува епидемиолошката ситуација во Словенија, а во изминатите 24 часа потврдени се 111 новозаразени луѓе со Ковид-19. Но, тема на денот е вчерашната нејасна изјава на директорот на слове
Љубљана, 21 јули 2021 (МИА) – Се влошува епидемиолошката ситуација во Словенија, а во изминатите 24 часа потврдени се 111 новозаразени луѓе со Ковид-19. Но, тема на денот е вчерашната нејасна изјава на директорот на словенечкиот Институт за јавно здравје, Милан Крек, кој им препорача на Словенците да не патуваат во странство по 15 август.
Тој не спомна за кои туристички дестинации мисли, а исто така не прецизира дали им препорачува да останат дома и на граѓаните кои се вакцинирани.
Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклокар подоцна за државната телевизија изјави дека Крек сакал да ги предупреди оние што заминуваат во странство дека ниту една земја, па дури ниту оние со поголема вакцинација од Словенија, немаат стекнато колективен имунитет или посакуваното ниво на вакцинација што би ги заштитило луѓето од позаразните соеви, а исто така како и желба на есен да нема затворање на образовниот систем, како минатата и оваа година.
Нешто поинакво е толкувањето на главниот епидемиолог во владиниот експертски тим, Матеја Логар. Таа истакна дека Крек сакал да нагласи оти на одмор граѓаните треба да се однесува одговорно и да се избегнуваат ризични собири.
Ако се однесуваме на безбеден начин, тогаш можноста за внесување на вирусот во Словенија е помала. Апелирам до сите да се однесуваат одговорно и на годишен одмор и да ги почитуваат основните мерки, за да можат да заминат на одмор по 15 август, изјави Логар.
Изјавата на Крек исто така предизвика и реакции на опозицијата, која често се жали на Владата и нејзините претставници за неконзистентност или несфатливост на мерките и слаба комуникација со граѓаните, а понекогаш и заострена реторика што ги „плаши“ обичните луѓе.
Пратеникот од социјалдемократите (СД), Дејан Зидан, поранешен претседател на партијата и поранешен претседател на Парламентот, побара писмено објаснување од владата за предупредувањето на Крек. ми/