• петок, 22 ноември 2024

Неформални средби на ГАК и на политичките директори за надворешни работи на ЕУ во Будимпешта

Неформални средби на ГАК и на политичките директори за надворешни работи на ЕУ во Будимпешта

Брисел, 1 септември 2024 (МИА) – Во Будимпешта денеска и утре ќе се одржат неформални состаноци на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) и на политичките директори на министерствата на надворешни работи на земјите членки на Унијата. 

Главни теми на заседанието на ГАК ќе бидат два од приоритетите на актуелното унгарско претседателство со ЕУ - зајакнување на конкурентноста на Унијата и справување со демографските предизвици во блокот. 

Според најавата, министрите или државните секретари за европски прашања ќе разговараат за можностите за зајакнување на конкурентноста и на владеењето на правото во ЕУ преку подобрување на моделот за донесување на законските регулатива, а ќе дебатираат и за различни аспекти на конкурентноста. 

За време на работен ручек учесниците на неформалното заседание на ГАК ќе разменат мислења за демографските предизвици со кои се соочува ЕУ.  

На неформалниот состанок на политичките директори на министерствата за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) ќе се разговара за предизвиците поврзани со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата во новиот мандат на институциите на Унијата, за руско-кинеските односи, како и за ефективноста на политиката на санкции на блокот. 

Неформалните средби на ЕУ се состаноци на кои не се носат одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за одредени теми и прашања. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан