• петок, 22 ноември 2024

Неуспешни итните разговори на ЕУ и Британија во Лондон

Неуспешни итните разговори на ЕУ и Британија во Лондон
Лондон/Брисел, 11 септември 2020 (МИА) - Европската унија побара од Велика Британија да се откаже од предлог-законот за поништување на резултатите од четиригодишните разговори за Брегзит, но британската Влада на премиерот Борис Џонсон не го прифати тоа барање. Европската комисија соопшти дека започнува подготовки за нерегулирано излегување на Велика Британија од ЕУ, оценувајќи дека Лондон „крајно сериозно ќе го прекрши“ минатогодишниот договор доколку го усвои предложениот владин закон. По итните разговори меѓу потпретседателот на Комисијата, Марош Шефковиќ и британскиот преговарач за Брегзит, Мајкл Гоув, вчера во Лондон, ЕУ соопшти дека британскиот нацрт-закон „сериозно ја нарушува довербата“ и дека Лондон сега мора да преземе чекори за нејзино враќање. Гов рече дека го отфрлил барањето на ЕУ за повлекување на нацрт-законот. - Му реков на потпретседателот Шефковиќ дека не можеме и нема да го направиме тоа, рече Гов. Официјални претставници на ЕУ и дипломати велат дека Унијата ќе преземе правни активности против Лондон, но, како што пренесуваат британските медиуми, тоа веројатно нема да биде преземено пред крајот на годината, кога истекува рокот за целосно излегување на Велика Британија од Унијата по преодниот период. Британската Влада соопшти дека е посветена на договорот со ЕУ и дека целта на предложениот закон е само да разјасни некои нејаснотии. Неговата главна цел е да го зачува Мировниот договор во Северна Ирска од 1998 година, со кој се стави крај на децениското насилство. Лидерите на ЕУ порачаа дека нерегулираното прекинување на односите со Велика Британија ќе предизвика хаос во снабдувањето во Европа и на глобалните финансиски пазари. Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, кој имаше одделни разговори со Шефковиќ во Лондон, го критикуваше пристапот на Велика Британија кон преговорите и посочи дека сè уште има големи разлики. - Велика Британија не се ангажираше на ист начин врз основа на принципите и интересите на ЕУ, рече Барние. Тој додаде дека ЕУ работи напорно да биде подготвена за сите сценарија на 1 јануари 2021 година, кога истекува рокот за конечно излегување на Велика Британија, вклучувајќи го и оној за постигнување решение без договор. Без трговски договор, ќе биде доведена во прашање размената меѓу Велика Британија и другите земји на ЕУ, која изнесува илјадници милијарди долари, во услови на криза што ја предизвика пандемијата на коронавирусот. паг/

Остани поврзан