• петок, 22 ноември 2024

Нетанјаху ја одби иницијативата за дводневно примирје во Газа, спротивно на препораката на владиниот кабинет

Нетанјаху  ја одби иницијативата за дводневно примирје во Газа, спротивно на препораката на владиниот кабинет

Тел Авив, 28 октомври 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја одби иницијативата на Египет за краткорочно примирје со Хамас во Појасот Газа, јави Тајмс оф Израел.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера предложи примирје со цел да се олесни потенцијална размена на заробеници, што би можело да доведе до подолготрајно примирје. Регионалните медиуми објавија дека Хамас е подготвен да го прифати предлогот за дводневен прекин на огнот, за време на кој би биле ослободени неколку заложници.

- Предложивме дводневно примирје во Појасот Газа за размена на четворица израелски заложници за одредени палестински затвореници, а потоа би следеле десетдневни преговори за трајно примирје, рече ал-Сиси на заедничката прес-конференција со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун во Каиро.

И покрај поддршката од повеќето израелски министри за египетскиот предлог, Тел Авив го одби договорот поради противењето на Нетанјаху, кој истакна дека „преговорите ќе се водат само под оган“, пренесе израелскиот Канал 12.

Израел проценува дека Хамас сѐ уште држи 101 заробеник во Појасот Газа, и се стравува дека некои од нив можеби се убиени, било од страна на Хамас или во израелските напади врз густо населената енклава.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан