• понеделник, 25 ноември 2024

Нетанјаху - Шолц: Хамас мора да биде уништен

Нетанјаху - Шолц: Хамас мора да биде уништен

Ерусалим, 17 март 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц на денешната средба во Ерусалим со изралелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се согласил дека палестинската милитантна група Хамас мора да биде уништена, но побарал да се води сметка за хуманитарниот аспект и бројот на цивилни жртви.

Нетанјаху по средбата изјави дека со Шолц се согласиле дека Хамас мора да биде елиминиран, и оти треба да се зголеми хуманитарната помош за цивилното население во Газа по копно, море и воздух, пренесува ДПА.

- Израел ќе стори сé што може за да ги минимизира жртвите, но се согласивме дека Хамас мора да се елиминира. Не може да имаме иднина за Газа, иднина за мир, иднина за Израел, ако Хамас остане недопрен, зашто ќе се прегрупира и повторно ќе го освои Појасот Газа и ќе го повторува масакрот повторно и повторно, рече Нетанјаху.

Шолц кажа дека жртвите од нападот на 7 октомври нема да бидат заборавени. - Нашата порака беше јасна: Израел има право да се брани од тероризмот на Хамас и сите заложници мора да бидат ослободени, изјави германскиот канцелар.

Истакна дека ја споделил со Нетанјаху својата загриженост за „исклучително високата цена во човечки животи. 

- Треба да се постави прашањето дали, без разлика колку е важна целта, може да ја оправда толку ужасно високата цена. Не можеме да стоиме настрана и да гледаме како се зголемува ризикот Палестинците да гладуваат... Тоа не е она за што се залагаме, рече Шолц.

Тој повика на договор за ослободување на заложниците  и за подолготраен прекин на огнот.

Осврнувајќи се на ситуацијата во Либан, Шолц рече дека Хезболах мора да се повлече од границата со Израел и предупреди дека воената ескалација таму ќе има „несогледливи последици“.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан