• недела, 22 декември 2024

Нетанјаху: Филаделфискиот коридор е централен и тој ја одредува целата наша иднина

Нетанјаху:  Филаделфискиот коридор е централен и тој ја одредува целата наша иднина

Ерусалим, 3 септември 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху организираше медиумска конференција на која зборуваше за важноста на „Филаделфискиот коридор“ за Израел.

За време на конференцијата, зад Нетанјаху имаше мапа на која беше прикажан Коридорот. Тој рече дека стратешки императив е таму да се задржат израелските војници.

„Не успеавме да ги извлечеме заложниците. Бевме многу близу. Тоа е страшно. Сепак, тоа не се случи поради одлуката на Филаделфискиот коридор. Ова се случи, пред се затоа што Хамас не сака договор. Ги барам сите начини да ги вратам заложниците дома“, рече Нетанјаху.

Тој, исто така, се осврна и на тоа што значи Коридорот за целите на Израел во Газа, велејќи дека „воените цели на Израел се да го уништи Хамас, да ги врати сите заложници и да обезбеди Газа да не претставува закана за Израел и Израелците да се вратат во северните области на земјата. 

„Од тие воени цели, три минуваат низ едно место - Филаделфискиот коридор. Тоа е гасовод на Хамас за кислород и повторно вооружување“, изјави премиерот на Израел.

Тој додаде дека во 2005 година Израел ги контролирал сите граници на Газа, освен онаа со Египет, додавајќи дека преку таа граница Хамас добивал оружје.

„На оската на злото и е потребна оската Филаделфија. Значењето и важноста на Филаделфискиот коридор е да се осигура дека 7 октомври никогаш повеќе нема да се повтори“, рече Нетанјаху.

На крајот тој порача дека поради ова прашање се соочува со голем меѓународен притисок.

„Ако го напуштиме овој коридор, можеби нема да се вратиме таму во следните 42 години. Затоа што веќе еднаш отидовме и не сме се вратиле 20 години. Нашето присуство на границата е дипломатски и стратешки императив. Овој коридор е централен и тој ја одредува целата наша иднина“, истакна Нетанјаху. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан