• среда, 18 декември 2024

Нетанјаху се сретна со Бајден, вети дека Израел ќе остане демократија

Нетанјаху се сретна со Бајден, вети дека Израел ќе остане демократија

Њујорк, 20 септември 2023 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Њујорк се сретна со американскиот претседател Џозеф Бајден, за првпат откако неговата нова ултрадесничарска влада положи заклетва на крајот на минатата година.

Средбата се одржа на маргините на Генералното собрание на ОН.

Бајден го почна состанокот со изјавата дека неговата посветеност кон Израел е цврста, без оглед на какви било разлики. Тој најави дека ќе разговара со Нетанјаху, како што рече, „за одржување на демократските вредности кои лежат во срцето на нашето партнерство, вклучително и контролата и рамнотежата на гранките на власта.

- Ќе разговараме за некои тешки прашања, рече Бајден.

Нетанјаху најави дека ќе ги поддржи демократските вредности и покрај предложените промени во израелскиот правосуден систем и порача дека Израел ќе остане демократија.

Дополнително, тој во воведниот говор ги истакна заедничките цели.

- Под ваше водство можеме да постигнеме историски мир меѓу Израел и Саудиска Арабија, рече израелскиот лидер.

Нетанјаху потсети на неговото четиридецениско пријателство со Бајден и рече дека мирот со Саудиска Арабија, склучен под водство на Бајден, ќе придонесе за крај на арапско-израелскиот конфликт, постигнување на помирување меѓу исламскиот свет и еврејската држава и напредок кон вистински мир меѓу Израел и Палестинците.

Бајден најави можност за средба со Нетанјаху и во Белата куќа, изразувајќи надеж дека двајцата ќе се видат во Вашингтон пред крајот на годината.

За време на состанокот, демонстранти се собраа во Тел Авив и Ерусалим, држејќи транспаренти „Не на диктатурата“, барајќи од Бајден да изврши притисок врз Нетанјаху да се откаже од неговиот план за судските реформи. јт/

Фото: Х

Остани поврзан