• четврток, 26 декември 2024

Нетанјаху му се заблагодари на Бајден за петдецениската поддршка за Израел

Нетанјаху му се заблагодари на Бајден за петдецениската поддршка за Израел

Вашингтон, 25 јули 2024 (МИА) – Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во Белата куќа разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му се заблагодари за поддршката на државата Израел, која, како што истакна, трае веќе 50 години.

Нетанјаху рече дека го познава Бајден 40 години, а дека американскиот претседател го познава секој израелски премиер во последниот половина век, пренесе Би-би-си.

- Од горд еврејски ционист до горд ирско-американски ционист, сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50 години поддршка за државата Израел, рече израелскиот премиер.

Нетанјаху, исто така, рече дека со нетрпение очекува да работи со Бајден за големите прашања кои се пред нив во следните неколку месеци.

Американскиот претседател се пошегува дека Голда Меир е првата израелска премиерка што ја сретнал, а дека тогаш како помошник присуствувал нејзиниот наследник Јицак Рабин.

Состанокот се одржа еден ден откако израелскиот премиер одржа жесток говор пред Конгресот додека илјадници пропалестински демонстранти демонстрираа пред зградата.


Покрај Бајден, на состанокот присуствуваа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност Џејк Саливан, заменик-советникот за национална безбедност Џон Фајнер, американскиот амбасадор во Израел Џек Лев, првиот човек на Белата куќа за Блискиот Исток Брет Мекгурк и специјален пратеник за Блискиот Исток на Белата куќа Амос Хохштајн.

На состанокот на Нетанјаху му се придружија министерот за стратешки прашања Рон Дермер, советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, израелскиот амбасадор во САД Мајкл Херцог, началникот на Генералштабот на Нетанјаху Тачи Браверман, воениот секретар на премиерот Роман Гофман и неговиот советник за надворешна политика Офир Фалк.

Нетанјаху утре ќе отпатува за Флорида, каде ќе се сретне со поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан