Нетанјаху му подарил на Трамп златен пејџер
- Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска потврди дека Нетанјаху на американскиот претседател Доналд Трамп му подарил златен пејџер за време на состанокот во Белата куќа.

Ерусалим, 7 февруари 2025 (МИА) - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска потврди дека Нетанјаху на американскиот претседател Доналд Трамп му подарил златен пејџер за време на состанокот во Белата куќа.
Како што се наведува, подарокот ја симболизира одлуката на Нетанјаху која доведе до пресврт во војната, имено тајната операција против Хезболах, пренесува Тајмс оф Израел.
„Подарокот ја симболизира одлуката на премиерот што доведе до пресвртница во војната и почетна точка за кршење на волјата на терористичката организација Хезболах. Оваа операција ја изразува моќта, технолошката супериорност и лукавството на Израел против неговите непријатели“, се наведува во соопштението.
За време на таа операција, на 17 септември 2024 година, илјадници пејџери што ги користеше Хезболах низ Либан ненадејно експлодираа, убивајќи десетици оперативци и осакатувајќи илјадници, што го означи почетокот на ескалацијата на Израел против Хезболах.
Пејџерите, врзани со експлозив, беа активирани преку шифрирана порака која бараше од корисниците да ги држат уредите со двете раце, максимизирајќи ја веројатноста дека последователната експлозија може да предизвика повреда.
Еден ден подоцна, стотици токи-воки експлодираа, при што загинаа и беа повредени десетици лица.
„Гардијан“ пишува дека на пејџерот има златна плоча со натпис „На претседателот Доналд Трамп, нашиот најголем пријател и сојузник. Премиерот Бенјамин Нетанјаху“. паг/
Фото: ЕПА