Неколку напитоци што помагаат против воспаленија
- Краткорочниот воспалителен имунолошки одговор помага да се одбраниме, но тоа не е добро кога трае подолго отколку што треба. Следат неколку напивки коишто можеби ќе помогнат во оваа состојба.
Стокхолм, 15 јуни 2022 (МИА) - Доколку има замор, болки во зглобовите, проблеми со кожата и варењето, можно е човекот да се соочува со воспаление. Една од тие појави е хроничното воспаление со низок степен - кога имунолошкиот систем во телото испумпува воспалителни супстанции како начин да се ослободи од повредите и болестите. Краткорочниот воспалителен имунолошки одговор помага да се одбраниме, но тоа не е добро кога трае подолго отколку што треба. Следат неколку напивки коишто може да помогнат во оваа состојба.
Сок од ананас
Еден од најмоќните антиинфламаторни лекови е бромелаинот - ензим кој се наоѓа во ананасот. Преглед на статии за бромелаин во списанието „Фудс“ ги истражува неговите многубројни терапевтски ефекти за третман на рак, изгореници, кардиоваскуларни болести поради неговите антикоагулантни својства. Тој ја намалува болката и воспалението во колената кај пациенти со остеоартритис. Сокот од ананас земен после вежбање може дури и да го ублажи воспалението после напорот бидејќи е богат и со калиум.
Поголем дел од ова соединение се наоѓа во срцевината, па тоа може и да се исцеди јадрото за да се направи вкусен противвоспалителен еликсир.
Топло млеко со куркума
Овој портокалов зачин содржи моќно антиинфламаторно соединение наречено куркумин, коешто, бројни испитувања, помага во намалување на опасноста од повеќе хронични болести, како и за ублажување на воспалителните болки предизвикани од остеоартритис.
Куркумата може да се додаде во оброкот и пијалаците, како чај или млеко.
Зелен чај
Зелениот чај е еден од најздравите напитоци. Полн е со антиоксиданти, а истражувањата покажуваат дека може да го подобри согорувањето на мастите и да го забрза метаболизмот. Во еден труд од оваа 2022 година, истражувачите велат дека полифенолите од зелениот чај ја зајакнуваат епителната бариера во цревата и го поддржуваат здравиот микробен состав на цревата.
Супа
Секој барем еднаш користел зовриена вода со месо како основа за супа, а веројатно и сте испиле една чинија барем еднаш во студен зимски ден. Таквата солена супа е прав еликсир на здравјето поради концентрацијата хранливи материи, витамини и амино киселини, кои поддржуваат здрав цревен микробиом.
- Нашата најдобра одбрана од хронично воспаление е здравјето на нашите црева. Лошата здравствена состојба на цревата може да доведе до состојба позната како „пропустливи црева“, која се карактеризира со компромитирана цревна слузница која дозволува нездравите супстанции да протекуваат во Вашиот крвоток, предизвикувајќи воспаление. Супата е богата со колаген, желатин, глицин, глутамин и хидроксипролин, а сите тие имаат бројни клинички студии кои укажуваат на нивната способност да го намалат воспалението, вели нутриционистката Саманта Пресичи.
Други истражувања посочуваат дека сѐ тоа е делотворно и против артритисот.
Чај од ѓумбир
Ова растение се користи илјадници години за смирување стомачни тешкотии и мачнини, но и за намалување на болката. Истражување на Универзитетот на Мајами ги спореди влијанието на екстракт од ѓумбир со плацебо кај 247 пациенти кои страдаат од остеоартритис на коленото и откри дека ѓумбирот ја намалува болката и вкочанетоста за 40 отсто повеќе од плацебото. Покрај неговите антиинфламаторни својства, истражувачите велат дека делува и како аналгетик.
Сок од вишна
Тој е корисен за намалување на опасноста од срцеви болести бидејќи, според научните податоци, може да го намали крвниот притисок и ЛДЛ (лошиот) холестерол. Научен труд од 2019 година во списанието „Нутриентс“ укажува дека влијанијата врз крвниот притисок и холестеролот може делумно да се припишат на антиоксидантните и противвоспалителни својства на сокот од вишна. си/