• понеделник, 23 декември 2024

Недимовиќ: Од „мини Шенгенот“ најголема корист ќе има прехранбената индустрија

Недимовиќ: Од „мини Шенгенот“ најголема корист ќе има прехранбената индустрија
Белград, 17 септември 2020 (МИА) - Српскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бранислав Недимовиќ, изјави денеска дека храната и прехранбената индустрија ќе профитираат најмногу со „мини Шенгенот“, бидејќи Србија ќе добие нов простор на пазарот. Како што јави дописникот на МИА од Белград, на седница на Сојузот за храна и земјоделство-НАЛЕД, министерот изјави дека воспоставувањето на зоната „мини Шенген“, која ги вклучува Србија, Северна Македонија, Албанија и „областа контролирана од Приштина“, ги руши сите бариери во врска со ветеринарните и фитосанитарните сертификати. Тој додаде дека постои можност и БиХ да се приклучи на зоната. -Потребен ни е простор за проширување на трговијата, а Србија и нејзините компании од областа на прехранбената индустрија имаат потенцијал за тоа, за што покажуваат бројките од областа на трговската размена со сите оние простори каде планираме да тргуваме и каде веќе тргуваме, кажа Недимовиќ. Тој посочи дека сега се тргнува „во друга зона каде влегуваме во суфицит со други играчи“ и дека ова покажува колку е силна прехранбената индустрија во Србија. Недимовиќ оцени дека идната влада мора да има целосно нов пристап кон прехранбената индустрија кога станува збор за привлекување нови инвестиции и тој му предложи на неговиот наследник на чело на ресорот кој тој го водеше досега, неговиот фокус да биде на безбедноста на храната, на „мини Шенгенот“ и е-аграрот. об/

Остани поврзан