• недела, 22 декември 2024

Неделков: Очекуваме до утревечер односно петок до 12 часот да имаме понуда и Советот на СОНК да донесе одлука дали ќе се прекине штрајкот

Неделков: Очекуваме до утревечер односно петок до 12 часот да имаме понуда и Советот на СОНК да донесе одлука дали ќе се прекине штрајкот
Скопје, 13 април 2022 (МИА) – Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков изјави дека очекуваат до утре вечер, односно петок до 12 часот да имаат понуда за да можат да ја дистрибуираат понудата, да соберат повратни информации и евентуално Советот на СОНК да донесе одлука по тие информации и да бидат експедитивни, за да има време да се објави дека учениците и во градинките од понеделник ќе одат на настава или ќе речеме немавме никакво решение или Советот не може да ја смени одлуката затоа што членството не ја прифаќа понудата и ќе мора да продолжиме со штрајк. Тој апелира што побрзо да се дојде до решение за што побрзо да се надмине оваа ситуација и да се врати нормалниот тек во училиштата и во градинките. Неделков во дневникот на Сител изјави дека на денешната средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири разговарале за зголемување на платите, но не и за процентите за зголемување. Шаќири информирал дека се прават напори да се префрлат средства од Владата односно од разни министерства, но немал точни сознанија и колку, како и кога. Прашан дали тоа што добиле уверување дека се бараат пари не е доволно за да се стави во мирување штрајкот за да не трпи грижата за децата и образованието во училиштата, претседателот на СОНК одговори дека влегле во штрајк за да имаат ветување дека ќе имаат зголемување на платите, но членството треба да одлучи. На прашањето која е црвената линија што членството односно СОНК може да си ја дозволи за да може штрајкот да сопре, Неделков нагласи дека не разговарале за црвена линија меѓутоа тоа не значи, подвлече, дека под 18,4 проценти нема ништо да прифатиме. - Колку ќе прифатиме, многу зависи од тоа колку ќе ни понудат. Ако биде симболично понудување, тоа членството ќе го препознае и ќе сфати дека тоа е несериозен предлог, рече меѓу другото претседателот на СОНК. Според него, сега се наоѓаат во ситуација кога и двете страни засега се согласуваат во две работи. - Прво е што платите во дејноста образование треба и ќе се зголемат. Втората работа е што и Владата и ние, посебно Министерството за образование и верувам и Министерството за труд, сака што побрзо да се прекине штрајкот. Тоа ни е заедничко, изјави Неделков. Линеарно зголемување на платите на национално ниво е понудено од друг Синдикат, што за СОНК, како што рече Неделков, е неприфатливо и е паушален предлог. Во однос на надоместувањето на загубените денови во наставата во училиштата и одложувањето на сите рокови, уписи во средно и во високото образование, матури, после 10 јуни, Неделков смета дека тоа е цената што ја плаќаат и едната и другата страна и затоа не е потребно „тактизирање“. Според него, има повеќе варијанти, но најсоодветно решение, наведе, е да нема продолжување на учебната година затоа што учениците не се виновни за ситуацијата. - Очекуваме од утре натака да бидат посериозни притисоците не само во детските градинки, кои без исклучок се под притисок, туку очекуваме и во училиштата посериозен притисок, изјави Неделков. Тој информира дека се уште имаат добри и партнерски односи со министерствата, меѓутоа, рече, не знаеме до каде ќе не однесе оваа криза и можат да се нарушат тие односи. цр/вј/

Остани поврзан