• недела, 22 декември 2024

Владата и банкарите на средба ќе ги прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи парите од унгарскиот заем

Владата и банкарите на средба ќе ги прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи парите од унгарскиот заем

Скопје, 17 ноември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитреска-Кочоска денеска ќе одржат средба со Македонската банкарска асоцијација на која треба да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем. Она што досега е договорено е дека каматната стапка останува 3,25 проценти, истата под која е земен заемот.

Според министерката за финансии, само една банка пројавила интерес дека може да учествува во субвенционирањето на каматата и во однос на условите за рокот на отплата, но, како што вели Димитриеска-Кочоска, интенцијата на Владата е да бидат вклучени сите банки за клиентите да можат да го земат кредитот преку банката со која работат.

- Зборуваме за каматна стапка од 3,25 проценти, односно тука нема да има промена. Тоа е таа каматна стапка по која е земен кредитот од унгарската Експорт-импорт банка. Имавме дискусија во однос на прашањето и за што не се согласија банките, а тоа е  да учествуваат на некој начин во субвенционирањето на каматите и да покажат општествена одговорност и да се сподели таа општесвена одговорност.  Имено, ние на правиме нешто поразлично од претходно, бидејќи од 2011 година наваму се повлечени 650 милиони евра од различни кредитни линии средства за кои државата ја субвенционирала каматата, рече Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 степени“. 

Премиерот Христијан Мицкоски, во петокот во изјава за медиумите рече дека е важно состанокот со банките да заврши успешно и конечно да почнат да се користат средствата од унгарскиот заем. 

Очекува банките да покажат општествена одговорност како во Ковид кризата и енергетската криза. На прес-конференција во Владата во вторникот по потишувањето на договорите за државна помош, премиерот рече дека очекува сите заедно да работат на појака економија.

 - Нашиот став е дека сите заедно треба да работиме исто како што се работеше во Ковид кризата или во енергетката криза. Ако тие мислат дека не треба така да работат, тогаш во ред, нивна е одлуката, тие се приватни субјекти, како Влада не можеме да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот, тоа што можевме, како Влада го направивме. Очекувам сите заедно да работиме за појака економија, рече Мицкоски.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески очекува дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот. Aпелира тоа да оди во пакет со прашањето за капитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот затоа што таква институција е потребна за бизнисот. 

- Го пратам процесот како и сите заинтересирани луѓе и во колумна го изнесов својот став. Може тој да се коментира и вака и така, но ние бизнисмените не можеме да се согласиме, односно да содејствуваме во една состојба во која што имаш пари на сметката, а не знаеш што да правиш со нив. Значи, еден ден да седат за нас е тоа изгубено време. Мислам дека е време да се разреши тоа прашање и дека имаат капацитет и Владата и банките да го разрешат тоа прашање и се надеваме дека тоа ќе биде во интерес на фирмите, бидејќи овие средства се наменети баш за нив, изјави Азески во средата во одговор на новинарско прашање по потпишувањето договор за соработка со Транспаренси Интернешнл – Македонија.

На таков начин, според Азески, ќе му се помогне на стопанството да се преброди периодот до почетокот на следната година, кога имаме обврска за враќање на обврзницата за која што се резервирани пари и нема да се подјадуваат капиталните инвестиции или други со ребаланс на буџетот, туку ќе се искористат за развој на бизнисот. 

Во неговата најнова колумна, Азески, побара парите веднаш да бидат ставени во функција со што, според него, власта ќе и покаже на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, има и способност за поддршка на бизнисот. 

-  Намерата на премиерот да помогне на бизнисот е чесна како и настојувањата на банкарите да го одбранат своето. Но, чесно е барањето на бизнисот, имплементација одма. Тоа ќе овозможи заедно со другите инвестициони активности што ги најавува Владата на РСМ и оние што ги планираат компаниите ,да внесеме доза на оптимизам дека работите одат кон посакуваната цел, а тоа подразбира раст на економијата поголем од 1.8%  што беше просек во изминатиот период, пишува Азески во својата колумна

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.  

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни - 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот. бак/нд/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан