• недела, 22 декември 2024

Недела на женското здравје

Недела на женското здравје
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), денеска во Младинскиот културен центар - Скопје ќе биде одбележана „Неделата на женското здравје”, по повод Светската недела на женското здравје (од 8 до 14 мај 2022 година). Настанот е дел од кампањата на МАГО за обезбедување подобра институционална заштита на жените во текот на целиот животен век, како и професионално здравствено информирање за сите превентивни прегледи и однесувања кои ќе допринесат за зачувување на здравјето на жената. Како што информираат организаторите, на настанот ќе бидат претставени досегашните и идните активности и кампањи на МАГО кои заедно со повеќе релевантни институции и организации започнуваат процес на континуирана едукација за женското здравје и поттикнување на општествени промени во оваа област. На овој настан говорници ќе бидат проф. д-р Горан Димитров, проф. д-р Ана Данева, доц. д-р Даниела Иванова Панова и проф. д-р Глигор Тофоски. Од МАГО посочуваат дека целта и потребата од одбележување на оваа значајна недела е да ги срушиме стигмите и бариерите што девојчињата и жените ги имаат за своето репродуктивно и сексуално здравје, да ја подигнеме свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи во превенцијата на петте главни типови на гинеколошки карциноми, да го истакнеме значењето од континуираната едукација како и да обезбедиме поактивно учество на мажите во сексуалното и репродуктивно здравје. Според анкетите и истражувањата кои беа спроведени и анализирани од страна на Асоцијацијата на гинеколози и опстетричари, произлегува дека  30 до 40 проценти од жените вклучително и од помладите возрасни категории не знаат кој е причинител на ракот на грлото на матката, а по извршената анкета повеќе од 60 проценти не одат на редовен гинеколошки преглед еднаш во годината, а повеќе од 40 проценти во РСМ немаат избрано матичен гинеколог. Истражувањето покажало дека 20 проценти од учениците сметаат дека кондомот може да помогне само во спречување на бременост, а не спречува сексуално пренослива инфекција, а пак 20 проценти од учениците сметаат дека контрацептивните таблетки ќе ги заштитат од сексуално преносливи инфекции. -Дел од трудниците воопшто не одат на антенатални-контролни прегледи во тек на бременоста, а голем дел не ги препознаваат навремено симптомите поврзани со развојот на компликации во бременоста, што доведува до сериозни загрозувачки состојби на плодот и мајката, покажуваат анкетите и истражувањата на Асоцијацијата на гинеколози и опстетричари.фф/са/

Остани поврзан