• петок, 22 ноември 2024

Небиу: Преземена стока во вредност од 82 244 459 денари, на институциите донирани возила, а на учениците обувки, облека, прибор

Небиу: Преземена стока во вредност од 82 244 459 денари, на институциите донирани возила, а на учениците обувки, облека, прибор

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Вкупно 1 001 461 парче стока во вредност од 82 244 459 денари се преземени од магацините на Царинската управа во периодот март - декември 2023 година, соопшти денеска директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу.

Од преземеното, како што информира Небиу на средба со новинарите, 150 возила се отстапени на државни органи, институции, министерства, општини, јавни претпријатија и јавни здравствени установи со што се заштедени преку 500 000 евра во државниот буџет.

Отстапени се и 200 000 парчиња различна стока: обувки, облека, храна, школски прибор, текстил, техничка опрема, кујнски прибор, градинарски алати,..., на државни органи, јавни установи, училишта, затвори,..., со што се заштедени 438 128 евра во државниот буџет. Според директорот, дел од стоката е доделена на повеќе од 15 000 ученици, а останати се пакети за уште 5 000 ученици кои ќе бидат доделени во почетокот на 2024 година.  

Сумирајќи го сработеното во периодот откако стапиу на функцијата, Небиу рече дека се продадени и 20 моторни возила и 10 станбени објекти со вкупна вредност од 1 162 000 евра, а спроведена е и продажба на хаварисани возила со третман на отпаден материјал.

-Севкупната бројка е 464 возила со што се инкасирани преку 91 000 евра во државниот буџет. Во контекст на хаварисаните возила, прв пат во 15 години од постоењето на Агенцијата извршивме транспарентно пресирање на возилата со видео запис на целиот процес, подвлече Небиу.

Тој информира и дека за подобрување на правната рамка е изготвен нов предлог-закон, ревидирани се подзаконските акти, со Царинската управа е потпишан Протокол за соработка за одземени предмети во прекршочна, кривична и управна постапка, а зајакната е и меѓународната соработка преку членството во Балканската мрежа на агенции за управување со одземен имот.

Како што истакна Небиу на средбата со новинарите, Агенцијата има потреба од зајакнување на кадровскиот капацитет со вработување околу 50 лица. Изготвен е, додаде, и идеен проект за нов, современ магацин и плац за складирање одземени возила и разна стока кој, со поддршка на Владата, се очекува да биде изграден во 2024 година. 

-Ќе се залагаме и за дигитализација на Агенцијата и планираме уште поинтензивно да работиме на конфискација, како и да спроведеме продажба на сите недвижности со кои располагаме, најави директорот Небиу.

Одговорајќи на новинарски прашања, Небиу рече дека е горд што токму тој е во позиција да го реализира „бројчаникот што се врти“, ветен од поранешен премиер.

-Ова беше ветено од поранешен премиер, но јас го реализирам и на тоа сум посебно горд. Горд сум и што заедно со вработените во Агенцијата успеавме да „спасиме“ дел од она што беше складирано во депоата со години, а беше во многу лоша состојба. Агенцијата ќе продолжи да работи интензивно согласно своите надлежности и нути еден имот стекнат на криминален начин нема да остане непреземен, истакна Небиу. мч/лв/

фото: МИА

Остани поврзан