• недела, 22 декември 2024

На 13 јули официјално започнува постапката за чистење на малата депонија во ОХИС

На 13 јули официјално започнува постапката за чистење на малата депонија во ОХИС
Скопје, 28 јуни 2021 (МИА) - На 13 јули официјално ќе започне постапката за подготовка на теренот за чистење на малата депонија со линдан во ОХИС, информираа денеска на брифинг во Министерството за животна средина и просторно планирање. Дислоцирањето треба да заврши за период од 12 месеци, за што веќе се обезбедени 8,4 милиони евра - заеднички средства од Глобалниот фонд за животна средина, Норвешка, Делегацијата на ЕУ и Владата. Од МЖСП, брифираат дека во тек е и постапка за обезбедување на заем од 50 милиони евра за изработка на базична инфраструктура за изградба на регионални депонии за отпад. За таа цел, веќе е изработена студија за влијанието врз животната средина и дека до 2022 година се очекува да се започне со изградба на инфраструктурата за регионални депонии во Полог, Јужниот и Северозападниот регион. Во оваа фаза ќе се гради само инфраструктура за самите депонии, како и набавка на камиони за собирање на отпадот, додека во втората фаза според планот, се предвидува и обезбедување на услови за преработка и селекција на отпадот. За средствата од најавената еколошка такса, од МЖСП велат дека ќе бидат наменети за инвестирање во обновливи извори на енергија во ЕСМ, како и мотивирање на граѓаните за користење почист транспорт преку субвенции за хибридни, плаг-ин и целосно електрични возила. Неофицијално се размислува за субвенционирање од 3 до 4 илјади евра за набавка на вакви нови возила, со цена до 22 илјади евра. Паралелно со ова, би можело и да се се забрани и увоз на возила под Евро 5 стандард. Проблемот со ниското ниво на водата на Преспанското Езеро ќе се разговара на високо ниво во рамки на првата Преспа трилатерална средба, што треба да се одржи оналјн меѓу минисртите за животна средина од Северна Македонија, Албанија, Грција и претставник од ЕУ. Идејата, како што информираа на брифингот, е да се изработи акциски план за заедничко менаџирање Преспанското Езеро. Сето ова е во рамки на Договорот за Преспа парк од 2010 година. За надминување на проблемот со УНЕСКО за Охридското Езеро, од МЖСП брифираат дека се работи на привремена заштита на Студенчишко блато, репрогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, како и дека се бараат средства за изградба на канализација во Радожда и чистење на Сатеска Река. Од МЖСП посочуваат дека во Собранието се наоѓаат вкупно 16 закони, кои се предложени од ова Министерство, од кои едниот е во собраниска процедура веќе цели 18 месеци. Законот за прогласување на Шар Планина за Национален парк, во таа насока, од МЖСП, брифираат дека се очекува во Собранието да биде изгласан во текот на оваа недела. аа/са/

Остани поврзан