• петок, 22 ноември 2024

На трката „Титов врв скајрејс“ поставени повеќе рекорди

На трката „Титов врв скајрејс“ поставени повеќе рекорди

Тетово, 8 јули 2024 (МИА) – На Попова Шапка вчера се одржа шестото издание на трката во екстремно планинско трчање „Титов врв скајрејс“ на која беа достигнати повеќе рекорди. 

Во машка конкуренција победи Ерик Мартин Нилсон од Шведска со време од 2 часа 11 минути и 22 секунди со што за седум минути го собори досегашниот рекорд на патеката. Второто место го освои македонскиот натпреварувач Сашо Богоевски (2:36:14), а третата позиција Јохан Давид Сундсторм од Шведска (2:48:26).

Во женска конкуренција Елена Ртоска си го подобри сопствениот рекорд од минатата година и истрча под три часа, односно за заврши тркаат за 2 часа 58 минути и 47 секунди. Второ место освои Магдалена Висоцка од Полска (3:48:28), додека трета беше македонската натпреварувачка Ивана Пекевска (3:50:43).

Од планинарскиот клуб „Македон“ кои се организатори на трката велат дека ова шесто издание може да се прогласи за најуспешно поради повеќето поставени рекорди.

Победникот од Шведска од Попова Шапка до Титов врв стигнал за еден час и 18 минути, па за враќање му биле потребни и помалку од еден час со оглед дека трката ја заврши за 2 часа 11 минути и 22 секунди.

- Одиме напред од година в година. Со самото тоа што годинава имавме 110 пријавени, што платиле котизација да учествуваат, иако некои од оправдани причини не тргнале, меѓутоа имаме најголем број на учесници досега. Нешто што за ваков тип на трка е за почит. Ова не се обични трки, туку сериозни трки, самото движење до Титов Врв по таа зимска патека и спуштање е предизвик, не е едноставна и лесна. Трката од оваа година го има сертификатот од Светската скај-ранинг федерација. Привлече тоа повеќе странски натпреварувачи. Тоа е добро и за промоција на самиот национален парк Шар Планина. За овие два дена околу 300 луѓе имаше на престој таму. Имавме помош и логистика од ренџерите од НП Шар Планина, изјави Душко Петрушевски, претседател на ПК „Македон“ и директор на трката.

Оваа трка се подготвува пред Светското или Европско првенство со оглед дека воедно претставува и државно првенство за македонските тркачи.

- Трката ја мести на терминот соодветен пред светско и европско првенство, годинава за разлика од пред две години имавме добро време. Оваа година Светско првенство е во Шпанија во септември и даде прилика да не биде во мај кога има и лошо време, туку во јули со потопло време и идеални услови за организација и одржување. Имавме преку 30 волонтери и долж патеката кои помагаа на тркачите и беа логистика на трката, истакна Петрушевски.

За оваа екстремна планинска трка учесниците треба да имаат големо планинарско искуство, како и специјална опрема со себе. Од 110 пријавени, трката ја почнале 95, а ја завршиле 89 учесници. ас/зс/

фото ПК Македон

Остани поврзан