• вторник, 05 ноември 2024

На првата годишнина од приклучувањето на четирите региони Путин вети обнова на окупираната Украина

На првата годишнина од приклучувањето на четирите региони Путин вети обнова на окупираната Украина

Москва, 30 септември 2023 (МИА) - На првата годишнина од руската анексија врз четирите украински региони : Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск, рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ги обнови овие региони зафатени од војната.

-Училиштата, болниците, станбените згради и патиштата, музеите и спомениците ќе бидат обновени и реконструирани, рече Путин во видео пораката објавена денеска од Кремљ.

Кршејќи го меѓународното право и по референдумите кои меѓународно беа исмејувани како измама, рускиот претседател лани на 30 септември со окупациските лидери на четири региони потпиша договор тие да станат дел од Руската Федерација.

Украина ја продолжува својата контраофанзива со надеж дека ќе ги ослободи териториите од руската окупација.

„Пред нас е голема задача и решение за тешките предизвици, спроведување на голема програма за обнова и социо-економски развој на нашите историски региони“, продолжи Путин во видео пораката. „И сигурно ќе ги постигнеме поставените цели“, додаде тој.

Анексијата на четирите региони, кои не ги призна ниту една земја, за Путин се „историски и судбоносен настан“.

Тој им се заблагодари на граѓаните на териториите чија решителност ја направи Русија уште посилна: „Ние сме еден народ. И заедно совладуваме се, го наоѓаме одговорот на сите предизвици“.

Дури и по повеќе од една и пол година војна, Русија не контролира целосно ниту еден од четирите анектирани региони, а Украина, истовремено, во борбите успеа да поврати окупирани делови од територијата. сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан